Семејството на Кико, граѓани и велосипедисти порачаа: Стоп за убиствата во сообраќајот

За убиствата во сообраќајот мора да се сноси лична, но и општествена одговорност! Толку многу жртви на улиците посочуваат дека нешто не е во ред со системот. Сакаме планирање пријателско за пешаците и велосипедистите, сакаме ажурно и неселективно спроведување на правилата од полицијата и сакаме правда! За вакви жртви да не се повторат.

Ова беше контатирано од иницијативата „НаТочак“ по вчерашниот протест во населбата „Гоце Делчев“. Таму повеќе граѓани, активисти, велосипедисти се придружија на семејството и пријателите на 19-годишниот Христијан Крстески Кико, кој загина после неколкудневна кома предизвикана од удар на моторно возило додека го возел својот велосипед.

На протестот од револтираните граѓани беше нагласено дека сите се потенцијални жртви од небезбедните скопски улици и дека „Скопје е град, не бојно поле“.

Огранизаторите на мирниот протест „Правда за Христијан“ имаат 5 барања: Прво, вреднување на човечкиот живот и подигање на јавната свест. Второ, институциите да бидат во служба на граѓаните и правдата. Трето, контрола и безбедност на патиштата. Четврто, превентивни мерки за спречување на сообраќајни несреќи и, петто – поголеми казни за сторители на кривични дела.

Од иницијативата „НаТочак“ потенцираат дека свирепите убиства во сообраќајот се жална судбина за жртвите и блиските на жртвите, но не се случајност.

„Вината во 94 % од случаите во Македонија според статистиката од пред неколку години е на возачот. Но честите сообраќајни судири се исто така индикатор дека нешто не е во ред со дизајнот на улиците, со односот на полицијата, со сообраќајното образование… Општество кое се стреми да има што помалку жртви во сообраќајот треба грешките на возачите да ги сведе на минимум!“, соопшти иницијативата, која уште претходно испрати предлози и барања за зголемување на безбедноста за велосипедистите и другите ранливи учесници во сообраќајот.