Семејство поминало 6000 километри на велосипед промовирајќи пермакултура и еколошки начин на живот

Во 2013 година Патрик Џоунс и Мег Улман сакале да отпатуваат, бидејќи долго време немале патувано никаде. Имале само две ограничувања – патувањето требало да биде речиси бесплатно и што е можно поеколошко.

Затоа решиле да патуваат на велосипед. Заедно со децата Вуди и Зефир и нивниот џек расел териер, Зиро, во пролетта 2013 го напуштиле својот дом во Дејсфорд, Викторија и се упатиле на север. Иако не планирале, нивното патување траело 14 месеци и 6000 километри.

„Мислам дека она што сакавме да го направиме беше нашиот активизам за пермакултура и нашите принципи, преку читање и учење за пермакултурата и нејзино практикување, и да го прилагодиме додека сме на пат“, вели Џоунс, објаснувајќија филозофијата за живеење во хармонија со природната средина.

За семејството тоа значело дека ќе живеат речиси само од растенија и треви и риби и школки кои ги собрале и уловиле самите. До крајот на патувањето, ги документирале имињата и практичната употреба на повеќе од 250 растителни видови.

„Речиси секоја култура и генерација пред нас имала многу поголема еколошка писменост“, изјавил Џоунс за време на својот говор организиран од Мелбурнскиот слободен универзитет. „Повеќето луѓе ги знаеле дивите растенија во нивната област, кои можеле да ги претворат во супа, лекови или мелеми“.

Семејството и нивното куче јаделе и прегазени животни и животни кои самиот Зиро ги ловел.

„Зиро сам си наоѓаше храна – многу животни кои биле прегазени и оставени на патот. А, кога кампувавме некаде повеќе денови, го снемуваше на пола час или 45 минути, наоѓаше нешто за јадење и се враќаше кај нас“, вели Улман.

Парот, чија книга „Уметноста на слободното пишување: Скромна семејна авантура“ била објавена минатата година, вели дека патувањето ги научило да ја прифатат несигурноста. Но, признаваат дека имало и страшни моменти.

 

Еднаш Џоунс речиси се удавил во брзата струја.

„Во мојот очај да раскажам друга приказна, да најдам нов начин на живеење, потфрлив во набљудувањето на законите на природниот свет“, се сеќава тој, читајќи пасус од книгата. „Ја ставив идеологијата пред безбедноста“.

Маратонското патување на семејството се претворило во кампања за да се промени мислењето на другите. Тие цврсто веруваат дека зависноста на современата Австралија од автомобилите, авионите и супермаркетите ја води земјата во еколошка катастрофа.

„Луѓето гледаат како ние живееме и мислат дека тоа е екстремно, но не сфаќаат дека и возењето на автомобил е екстремно“, вели Улман.

„Мејнстрим противотровите“ на уништувањето на средината, како соларните автомобили и биоразградливите амбалажи се премногу конзервативни, велат. Тие веруваат дека модерното изобилие мора да исчезне за да се спаси планетата.

 

„Не се гледаме себеси како сосема одделени, не сме тотални пуританци, но верувам дека ако просечното австралиско семејство живее без да ги зголемува нивоата на јаглерод, не би имале криза поради климатските промени“, вели Џоунс. „Го кажувам тоа бидејќи употребата на автомобил, храна од супермаркети и патувањето со авиони се важните играчи во климатските промени“.

Признава дека е тешко да ги убедат Австралијците да го следат нивниот радикален пример. Но, ако барем 15 отсто од населението ја прифати пермакултурата, вели, монетарната економија би одела наназад и „домаќинската економија“ би почнала да расте.

 

Кога не патуваат, нивниот секојдневен живот во Дејсфорд е испланиран според нивните идеали за еколошка хармонија. Одгледуваат сопствена храна и се тушираат еднаш неделно. Топлат вода користејќи собрани дрвја и гранки, но само преку зимата.

Извор: Mashable