Семејната приказна „Стела“ го отвори „Сinedays“, фестивалот продолжува со богата програма

Со проекцијата на делото на Стојан Вујучиќ – „Стела“, окарактеризиран како „првиот семеен филм во Македонија“, синоќа во скопскиот Градски парк започна овогодишното 19. издание на фестивалот „Cinedays“.

Меѓународен фестивал на европски филм се одржува под маски и протоколи, под отворено небо, па така публиката синоќа ја дочека премиерата на „Стела“, филм што е поврзан со семејните слоеви и со детското растење. Филмот е во продукција на „Дрим фактори“.

Приказната води низ Германија – Македонија – Галичник, заокружува еден семеен животен пат, а кучето Стела е шарпланинец, оној кој се наоѓа на едноденарката, во филмот прикажан како симбол на спојување и пријателство, но и важна алка од самоспознавањето на младиот лик Никола. Тој по бурата меѓу родителите и задевањето од врсниците има обид за самоубиство, па изгледа дека никој не може да допре до него. Престанува со секаква вербална коминикација. Шарпланинката Стела е единствената која не бара ништо од него, не поставува прашања, не бара одговори. Доволно е неговото постоење и среќна е од неговата близина.

Дедото, пак, кој избегал од луѓето да живее сам на бачилото, неволно ќе го прифати Никола за во текот на оваа 90-минутна авантура да станат семејство бегајќи од своето вистинско семејство.

„Ова е првата проба да направиме семеен и детски филм во Македонија, никогаш не е направено ниту во бивша Југославија. Се надевам успеавме, колку како – не знаеме. Ова е филм за нашите деца. Јас и (режисерот) Стојан го посветивме на нашите деца, на сите ваши деца и на сите деца што допрва ќе се родат. Сакаме петте човечки вредности – љубов, мир, ненасилство, вистини и правилно дејствување – да ги пренесете на вашите деца“, рече продуцентот Огнен Антов пред публиката по завршувањето на филмот.

Според Антов, освен што „Стела“ е  приказна за семејните вредности, тој е „првата домашна еко или зелена продукција“. Водени од најновите светски еколошки стандарди продукцијата се труди да ја намали емисијата на штетни гасови, да го рециклира отпадот според стандарди од Американската асоцијација на филмски продуценти.

Во склоп на таа зелена идеја, Антов најави акција во октомври на Водно, кај гасоводот, како нивен скромен придонес кон загадувањето.

„Ве повикуваме да дојдете да ни помогнете. Да засадиме две, три дрва, барем да пробаме ова зимо да дишеме чист воздух“, рече Антов.

На крајот на филмот, на изненадување на публиката се појави и шарпланинката Стела. Кучето доби аплауз заедно со екипата. Пред публиката се поклонија режисерот, продуцентот, актерите Петар Маниќ, Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, но и снимателот на звук Срѓан Вајски од Србија, за кој беше речено дека „успеа да дојде и да направи ПЦР тест“.

Исто така, меѓу другите, се појавија и Снежана Живковска Ангеловска, задолжена за шминка и да го „остари“ ликот на Тони Михајловски, монтажерот Данчо Стефков, кинематограферот Ѓорѓи Клинчаров – Гого, сценографот Владимир Зафирковски – Свире…

Пред публиката излегоа и членовите на „Љубојна“, креаторите на музика за филмот, кои подоцна во вечерта имаа свој настап во Парк МКЦ, како дел од специјалната музичка програма cinEmusic.

Cinedays“ за вечерва (сабота, 19 септември) на агендата нуди четири филмови – гала премиери. Во Градскиот парк од 20 часот ќе биде прикажан францускиот „Клетници“. Делото на Лаџ Ли ја собра наградата од жирито на ланскиот Канскi филмски фестивал, собра награди на францускиот „Цезар“ и беше номиниран за „Оскар“. Се работи за филм – провокативно проникнување во тензиите меѓу жителите на соседството и полицијата.

Исто така, на програмата во 21 часот во МКЦ парк е „Сирена во Париз“, додека во киното Влае од 20 часот е „Уште една тура“ на Томас Винтерберг, кој повторно соработува со Медс Микелсен. Ликовите во филмот се поттикнати од теоријата дека треба да бидеме родени со мало количество алкохол во крвта и дека таа скромна опиеност ни ги отвора умовите кон светот околу нас, намалувајќи ни ги проблемите и зголемувајќи ни ја креативноста.

Киното Влае од 22 часот ќе биде местото да се гледа и „Проксима“ на Алис Винокур, а во паркот Ибни Пајко од 20 ќе бидат проектирани „Сите убави коњи“ во склоп на SEE програмата и потоа музичкиот документарец „Њујорк: Аџилак“.

Како дел од официјалната селекција, пак, во Градски парк од 22:30 часот ќе биде прикажан германскиот „Кокон“, во режија и сценарио на Леони Крипендорф.

Музичките фанатици во МКЦ Парк од 23 часот ќе можат да уживаат со „Зулу 3.4“, инструментален бенд од Скопје, основан во март 2018 година од тројца млади џез-ентузијасти, чија цел беше да создадат уникатен звук преку фузија на различни стилови и да внесе свежина на македонската музичка сцена.

Оваа година фестивалот овозможува бесплатен превоз со автобусите на ЈСП. Сите посетители што имаат купено билет за некоја фестивалска содржина, може истиот да го користат како автобуски билет при доаѓање или заминување од фестивалските локации. Билетот важи на денот на избраниот настан, во период од 19 часот до полноќ.

Бојан Шашевски