Селмани: Да изградиме институционален механизам за превенција и казнување на насилството врз новинарите

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани денеска се сретна со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. На средбата се разговараше за зголемување на безбедноста на новинарите како и за идните можности за соработка меѓу Здружението и МВР.

Според ЗНМ, на средбата Селмани искажал подготвеност да соработува со МВР со цел да се подобрат условите за работа и безбедноста на новинарите.

„Сакам да ја искажам нашата подготвеност да помогнеме да изградиме институционален механизам за превенција и казнување на насилството врз новинарите“, рече Селмани и додаде дека треба да се расчистат сите напади врз новинарите кои се случија во последните неколку години.

Селмани предложи организирање на заеднички обуки за слободата на изразувањето и за подобрување на комуникацијата на новинарите и полицијата. Тој жали за приведувањето на двајцата камермани од полицијата на почетокот на ноември и изрази надеж дека такви инциденти во иднина нема да се повторат. „Ние сметаме дека до таков инцидент не требаше да дојде и очекуваме МВР во најскоро време да одговори на нашата претставка“, рече Селмани.

Според ЗНМ, министерот Спасовски истакнал подготвеност за блиска соработка со ЗНМ, која наскоро ќе се официјализира со потпишување на Меморандум за соработка.

„Спасовски со задоволство ја прифати идејата за организирање на заеднички обуки за подигнување на свеста на припадниците на полицијата за важната улога на медиумите во едно демократско општество“, соопштува ЗНМ.