„Selfie-ism illustrated“ – студентски графички илустрации во „Концепт 37“

Студентска изложба на графички илустрации со наслов „Selfie-ism illustrated” беше отворена вчеравечер (23 декември), во кафулето „Концепт 37“ во Скопје.

Изложбата прикажува илустрации инспирирани од популарниот тренд на бавење со себеси како мотив за споделување сликовни содржини на социјалните мрежи, таканаречен “selfie”. Овој збор, според Оксфордскиот англиски речник e избран за „збор на годината“ за 2013.

Менторот на предметот Графичка илустрација на Факултетот за арт и дизајн при ЕУРМ, м-р Гордана Вренцоска, вели: „Понесени од трендот, се качуваме на вагонот на овој хит на глобалната интернет заедница. Но, ние се обидовме сликите за себе и од себе да ги пренесеме во друг медиум, а тоа е графичката илустрација. Експериментирајќи со Манга, Поп-арт и други стилови на популарната визуелна култура, направивме спој на некои од содржинските и композициски карактеристики на “selfie” со можностите на рачната и дигиталната илустрација. Вметнувањето на хуморот и забавата во овој проект беше неопходна состојка во олеснувањето на процесот на (понекогаш) напорната работа во совладувањето на школските задачи.

Во изложбата „Selfie-ism illustrated“ со свои дела – автопортрети, и стрип дневници учествуваат студенти од втора година на насоката графички дизајн на Факултетот за арт и дизајн: Андреа Ангелина Петровска, Душица Симоска, Тина Виторовиќ и Симона Илиева. Асистент на проектот е м-р Благојче Наумоски.

Извор: Cooltura