Селфи-фотографиите забранети во Мумбај поради премногу несреќни случаи

Нндискиот град Мумбај, во кој живеат над 12 милиони жители, одлучи да ги забрани селфи-фотографиите во 16 градски области, откако е забележан драстичен пораст во бројот на несреќни и смртни случаи поврзани со овој тренд.

Индија е земјата во која имало најмногу смртни случаи поврзани со правење селфи-фотографии – 49,  а земјата, која има милијарда и 250 милиони жители и е со најбрз раст на користењето на смартфони, допрва ќе треба да се справи со последиците од трендот и манијата што го зафати целиот свет.

Реоните на Мумбај во кој сега е забрането ваквото фотографирање се сметаат за најопасни. Во еден од нив, минатиот месец 18-годишен ученик загуби рамнотежа и падна од скала во воден вир, обидувајќи се да направи селфи. И ученикот и негов другар, кој скокнал и се обидел да го спаси, се удавија. Претходно, девојче падна од тврдината во Мумбаи и загина, а три момчиња на возраст од 20 до 22 години загинаа во обид да направат селфи пред воз што се доближува.

Забраната на властите во Мумбај за правење селфи доаѓа и со закана од парични казни за прекршителите од 1200 рупии – околу 20 евра.