Села во Индија им забрануваат на девојките да користат мобилни телефони

Во изминатата година, индискиот премиер Нарендра Моди и неговата влада ја воведоа иницијативата Digital India, со која секој Индиец треба да добие пристап до интернет. Сепак, место да гледаат на технологијата како на алатка за напредок, неколку селски совети низ земјата се обидуваат да ја забранат употребата на мобилни телефони за девојчињата и жените.

На почетокот на месецов, селото Сураџ во родната држава на Моди, Гуџарат, им забрани на тинејџерките и немажените жени да користат мобилни телефони.

Одлуката ја донел селскиот совет во областа Мехсана, бидејќи сметале дека технологијата „му попречува на општеството“. Главата на селото го споредил користењето на мобилни со пиењето алкохол и рекол дека ги дефокусира девојките од студиите и домаќинската работа.

„Девојките се разгалуваат и почнуваат врски со момчиња на мала возраст бидејќи користат мобилни телефони. Ова понатаму води и до кривични дела против нив. Во наше време немаше такви проблеми, но оваа технологија ги разгали и мора да ја забраниме“, изјавил член на селскиот совет, а пренесува Mashable.

Девојката која ќе биде „фатена“ како користи мобилен, ќе треба да плати казна еквивалентна на 30 долари. Единствен исклучок е доколку жената разговара со роднините на телефонот на нејзините родители. Забраната можеби ќе биде воведена и од други околни села.

Во Индија има висок контраст во половата застапеност на сопствениците на мобилни телефони. Истражување од 2015 година покажало има  36 посто повеќе мажи отколку жени сопственици на мобилни. Ова истражување сугерира и дека освен ограничените ресурси и финансиската автономија, социјалните норми често служат како „скриени бариери“ за жената да не може да користи мобилен телефон во Индија.

Слична е и состојбата со корисниците на интернет во Индија. Околу 88 посто од корисниците на интернет во руралните краеви се мажи, а само 12 посто се жени.

Неколку (претежно машки) селски совети, или панчајати, во изминатите години забранувале различни работи за немажените девојки, како на пример носење фармерки или маички со кратки ракави.