Сексуалноста кај лицата со попреченост – табу тема за општеството

Александар Матовски – Цако има 23 години и е студент на Педагошкиот факултет во Скопје. Вообичаено ведар и насмеан, тој е секогаш отворен да разговара за проблемите со кои се соочува како лице со Даунов синдром, но сепак обично е порасположен за дебата на други теми бидејќи како што и самиот вели, не е ништо поразличен од останатите луѓе, пишува онлајн магазинот Инбокс7.

Сексуалноста кај лицата со попреченост - табу тема за општеството

„Леле немој само за политика да збориме, каде и да се свртам само за тоа се збори, ќе ми експлодира главата, еве ако сакаш ајде нешто за култура…“, се шегува Александар, кој го обожува пишувањето и веќе има издадено две збирки поезија. Неодамна книгите на Цако беа презентирани и во БиХ во Административниот центар на Владата на Република Српска.

Учењето не му оди лошо, но признава дека може и подобро. Како и кај секој студент, некои испити знаат да се завлечкаат заради активниот социјален живот. Тој сака да излегува со пријателите, да се дружи, редовен посетител е на концертите низ Скопје, а исто така негова голема љубов е и каратето, во кое поседува кафеав појас.

„Искрен да бидам, сакам да имам девојка. Сакам некој покрај мене, кој ќе биде заинтересиран за мене. Кај нас сексуалноста кај лицата со интелектуална попреченост е табу тема и има големи предрасуди за разговори на оваа тема“, вели Александар. Според него, тој има среќа што неговото семејство отсекогаш отворено разговарало за сите проблеми и предизвици, па така за едукацијата и информирањето за сексуалноста постојано се дискутира во фамилијата, како и за сите други теми кои ги преокупираат младите.

Психолозите потенцираат дека кога се разговара за сексуалноста тоа не се однесува само на сексуални односи, партнерство и имање деца. Сексуалноста ги опфаќа полот и родот, растот и развојот, пубертетот, личната хигиена, приватноста, различните видови на врски и односи, самозадоволувањето, грижата за репродуктивното здравје, планирањето на семејството, превенцијата од сексуално преносливи инфекции или од злоупотреби.

Сепак, дури и самите родители на деца и млади со интелектуална попреченост ретко сакаат да зборуваат на оваа тема и голем дел од нив сметаат дека ова право е недостапно за овие луѓе.

„Би се бореле за сите други права но не и за овие права. Се плашат дека тоа би бил дополнителен проблем, особено ако дојде до бременост или раѓање на дете, така да изгледа е полесно да се стави под тепих или да се правиме дека не постои. Само понекогаш се разговара и тоа само за личните искуства во врска со мастурбацијата. Ако споменеш врска, веднаш те гледаат како да си побегнал од Бардовци и шеташ по пижами низ градот“, вели мајката на Цако, Снежана Матовска.

Доктори препорачуваат лекови за потиснување на сексуалниот нагон?!

И покрај законските забрани, според организацијата „Порака Наша“ од Куманово, постојат многу случаи на присилна стерилизација за да се ограничи плодноста кај некои луѓе со попреченост, особено оние со интелектуална попреченост, и тоа најчесто кај жените, пишува Инбокс7.

„Исто така имаме сознанија дека се користат разновидни таблети за потиснување или намалување на сексуалниот нагон кај оваа група на граѓани, најчесто во институциите каде тие престојуваат подолго време, но некои од родителите во истражувањата кои ги правиме анонимно се изјаснуваат дека вакви препораки добиваат и од медицинскиот персонал ако се обратат за совет на оваа тема, што всушност претставува злосторство кон едно човечко суштество“, велат од здружението „Порака Наша“ во чии рамки функционира Дневниот центар за лица со умерена и тешка интелектуална попреченост над 18 годишна возраст.

Од министерството за здравство велат дека досега Државниот санитарен и здравствен инспекторат нема добиено пријава за вакви злоупотреби.

„Доколку организацијата има такви сознанија, најдобро е да пријават во инспекторатот и ќе биде испитан случајот“, ни изјавија од министерството.

Благица Димитровска од оваа организација вели дека според Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост која е ратификувана од нашата држава, лицата со попреченост треба да уживаат правна способност на еднаква основа со другите и да имаат право да стапат во брак и да основаат семејство, како и пристап до сексуална и репродуктивна здравствена заштита.

Прочитајте го целиот текст на онлајн магазинот Инбокс7.