Сексуалните работници утре ќе маршираат за крај на родово-базираното насилство

Маршот на црвениот чадор и годинава ќе помине низ скопските улици. Сексуални работници, активисти и поддржувачи утре ќе маршираат за да го одбележат 14-ти декември, Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници.

Организатор е граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници СТАР-СТАР, која годинава ја посветува на борбата против родово-базираното насилство.

Маршот ќе започне во 12 часот, a збирно место ќе биде пред платото на спомен куќата на Мајка Тереза на ул. „Македонија“.

„Искуствата и статистиките во светот и кај нас покажуваат дека жените и трансродовите сексуални работници се најмногу изложени на насилство во секоја форма. Голем е бројот на сексуални работници кои секојдневно трпат физичко и психичко насилство, но малкумина од нив се охрабрени истото да го пријават во полиција. Насилството, нападите, злоупотребувањата и нееднаквиот третман врз сексуалните работници мора да се елиминираат, а тоа ќе го постигнеме само ако сексуалните работници се третираат еднакво пред законите и се почитуваат нашите човекови права и слободниот избор“, стои во најавата за маршот.

Оттаму велат дека излегуваат на улица со цел да ја истакнат нивната солидарност кон сексуалните работници и да побараат да се стави крај на маргинализацијата и виктимизацијата врз оваа заедница.

Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници за првпат беше одбележан во 2003 година по иницијатива на р-р. Ени Спринкл како спомен и бдеење за жртвите на убиецот од Грин Ривер во Сиетл, Вашингтон. Гери Лајон Ридвеј беше осуден на доживотна казна затвор и му беше изречена парична казна во висина од 10.000 долари за секоја убиена сексуална работничка на 18-ти декември, 2003-та година. Оттогаш, со одбележување на овој ден им се овозможува на сексуалните работници ширум светот да се здружуваат и со заеднички сили да се борат против насилството, стигмата и дискриминацијата.