Секој трет работник во текстилниот сектор има здравствен проблем, покажа истражување на „Гласен Текстилец“

Кај секој трет работник во текстилниот сектор, односно кај вкупно 1.815 лица или 28.2% се утврдени отстапувања во здравствената состојба. Ова го покажаа податоците од истражувањето „Безбедност и здравје при работа во македонската текстилна индустрија“ на здружението „Гласен Текстилец“ кое беше презентирано вчера.

Според половата структура, утврдени се промени во здравствената состојба кај 539 работници, како и кај 1.276 работнички. Според истражувањето, истите разлики се потврдуваат во секоја од испитуваните возрасни групи и укажуваат дека работничките за 2 до 4 пати повеќе се разболуваат од испитаните работници.

„Анализата на утврдените знаци, симптоми и наоди од спроведените превентивни медицински прегледи кај испитуваните работници од текстилниот сектор, укажуваат дека кај испитуваните работници најчесто се јавуваат проблемите со видот кои се регистрирани кај 3042 (48,2%) од испитаниците; на второ и трето место се рангираат зголемениот крвен притисок кој се јавува кај 2226 испитаници (34,5%) и анемијата кај 2083 (32,3%); следат оштетувањата на слухот 2033(31,5%) и срцево-садовните заболувања што се јавуваат кај 1502 (23,3%) од испитаниците; респираторните заболувања се на шестото место со 1042 (16,2%); следат 56 пореметувањата на жлездите со внатрешно лачење со 1009 (15,6%) случаи; мускулоскелетните заболувања се на 8 место и се регистрираат кај 835(13,0%) од испитаниците; малигните заболувања се јавуваат кај 8,5% или кај 551 од испитуваните работници, а на последно место се проблемите со кожата (алергиски и имитативен контакт дерматитис) кој се регистрира кај 49 (0,8%) испитаници“, се додава во истражувањето на „Гласен Текстилец“.

Истовремено, таму се наведува дека во сите случаи, овие состојби значително почесто се јавуваат кај работничките, со исклучок на проблемите со срцето и крвните садови кои се доминантни за работниците.

„Кај испитуваните работници вкупно се регистрирани 14,448 (224,2%) отстапувања од нормалните вредности на спроведените функционално- лабораториските испитувања, заболувања и субјективни и објективни проблеми и тешкотии, што значи дека кај секој работник во текстилната индустрија се регистрираат 2,2 здравствени промени. Најголем е процентот кај возрасната група над 55 години, каде вкупно се утврдени 10417 (320,4%) отстапувања од референтните вредности или се потврдени субјективни тегоби
и објективни наоди“, стои во истражувањето.

Во истражувањето беа опфатени 6.447 испитаници, од кои 1.893 испитаници од машки пол и 4.553 од женски пол. Од вкупниот број испитаници, 1.425 се на возраст од 18 до 35 години, 1.771 на возраст од 36 до 55 години, додека 3.251 испитаник е на возраст поголема од 55 години.