Секој петти мобилен телефон е фалсификат

Канцеларијата на Европската унија за интелектуална сопственост објави најново истражување според кое бројот на фалсификувани уреди е значително зголемен. Утврдено е дека поради фалсификување на технички уреди буџетот на ЕУ годишно се скратува за околу 60 милијарди евра.

Според официјалниот извештај во 2016 година, вкупно 41,3 милиони копии на уреди во вредност од 670 милиони евра поминале низ земјите-членки на Европската унија, од кои вкупно 1.059.855 се мобилни уреди, вклучувајќи и нивни делови.

Овој тренд не ја зафати само Европската унија, туку и целиот свет, што го потврдуваат и податоците на Организацијата за економска соработка и развој, според кои во 2017 година секој петти мобилен уред во светот бил лажен.

За да ја знаете разликата дали купувате оригинален или лажен, мора да имате вешто око бидејќи на прв поглед, и двата модели изгледаат исто.

Детален преглед на уредите, како и проверка на нивниот IMEI број открива кој од уредите е оригинален, а кој копија.

Ова може да се провери и на страницата „Spot a fake phone”, но наједноставен начин да бидете сигурни дека сте купиле оригинал е да проверите со овластениот продавач и да инсистирате да добиете гарантен лист.