Секој Македонец годишно остава 50 килограми отпад од пакување

Македонските граѓани годишно оставаат по 50 килограми отпад од пакување. Приближно иста количина оставаат и граѓаните на соседните балкански држави, додека во западноевропските земји се движи од 65 до 70 килограми и во најголем дел селектира и рециклира, објави МИА.

Секој Македонец годишно остава 50 килограми отпад од пакување

Според Министерството за животна средина и просторно планирање и во Македонија свеста за селекција кај граѓаните постојано се зголемува, а причина за тоа е едукацијата на населението и реализација на активности и кампањи за селектирање и рециклирање на отпадот од пакување.

За целосна имплементација на Законот за управување со пакување и со отпадот од пакување потребно е опрема за селекција, бидејќи во поголем дел од земјава граѓаните нема каде да го селектираат отпадот.

Лани собрани околу 20 тони амбалажен отпад

Во Македонија има две компании за собирање амбалажен отпад, Пакомак и Еуро – Екопак, кои во 2013 година собрале околу 20 тони амбалажен отпад. Пакомак собра 9.227 тони, а Еуро – Екопак повеќе од 10.000 тони.

Најмногу собрано и рециклирано, како што информира Пакомак, имало хартија – 4.246 тони, пластика – 3.560 тони, стакло – 1.354 тони, метал – 2.43 тони и 65 тони дрво. Според податоците, бил собран 18 отсто повеќе амбалажен отпад, во однос на 2012 година, кога преку Пакомак биле лиценцирани над 40.000 тони отпад од пакување, а собрани и рециклирани над 7.500 тони.

Секој Македонец годишно остава 50 килограми отпад од пакување

Kоличините отпад од пакување со кои управува Еуро – Екопак за 2013 година е 10.600 тони од кои пластика се 2.500 тони, хартија – 5.200, стакло 1,5 тони, дрво 1,4, метал половина тон и 400 килограми композит.

Земјите во ЕУ до 2020 ќе рециклираат 50% од отпадот

Според Евростат, додека кај земјите-членки на Европската унија се рециклира или компостира над 40% од отпадот, во Македонија 100% од отпадот се носи на депонии, односно воопшто не се рециклира, пишува МИА.

Со оглед на тоа што со директивата за отпадот во ЕУ од 2008 година се предвидува во Унијата до 2020 година да се рециклира најмалку 50% од отпадот во домаќинствата и Европа да стане општество коешто рециклира, Македонија мора многу да работи пред влезот во ЕУ за да ги достигне овие стандарди.

Според податоците на Евростат, во Македонија се генерираат 357 килограми различен отпад по жител, кој оди во депонија. Во Србија се генерираат 361 килограм комунален отпад од кои 281 килограм оди на отпад. Хрватска генерира 373 килограми отпад по жител, третирани се 371 килограм од кои 92% на депонии, 8% се рециклираат, а 1% се компостираат.