Секое трето лице со ХИВ не е свесно дека го има вирусот – Од денеска почнува Европската недела на тестирање за ХИВ

Од 22 до 29 ноември ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување ја одбележува Европската недела на тестирање за ХИВ веќе осма година по ред. Оттаму истакнуваат дека во државата секое трето лице кое има ХИВ, не е свесно дека е ХИВ-позитивно.

„Да се знае својот ХИВ-статус што порано е важно, затоа што денес благодарение на терапијата за ХИВ, која е достапна и бесплатна кај нас, луѓето со ХИВ може да живеат квалитетно и долго. Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси изедначен животен век со лицата кои немаат ХИВ, доколку добиле навремен третман. Од друга страна, редовното земање на терапијата за ХИВ е и еден од најефективните начини на превенција на вирусот, бидејќи терапијата го потиснува вирусот до т.н. недетектабилно ниво, при што е невозможно ХИВ да се пренесе на друго лице по сексуален пат“, велат од ХЕРА.

Асоцијацијата неделава ќе обезбедува бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ со брзи тестови. Овие услуги се достапни во Младинскиот центар на ХЕРА „Сакам да знам” на Водно секој работен ден од 16 до 20 часот и за време на викендот од 11 до 15 часот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)

За подетални информации и за закажување, граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 02/3176 950. Тестирањата и советувањата за ХИВ се одвиваат во согласност со интерни протоколи за прием и нудење на услуги на клиенти за време на здравствената криза со КОВИД-19.

Од ХЕРА годинава споделија и „ХИВ позитивни приказни: Животот го живеам во сите бои“, односно приказни на 7 луѓе кои живеат со ХИВ во Северна Македонија.

Достапна е и мобилната андроид апликација Направи ХИВ тест, преку која може да добијат информации поврзани со ризикот од пренос и заштитата од ХИВ, како и да ги дознаат сите локации низ земјата каде што може да се направи бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ. Апликацијата може бесплатно да се преземе на Google Play.

Европската недела на тестирање за ХИВ е меѓународна иницијатива кон која се приклучуваат повеќе од 600 организации низ Европа за да ја подигнат свесноста за важноста на навременото тестирање за ХИВ и на пристапот до терапија за ХИВ.