„Сеќавања“ – премиерни проекции на два домашни документарни филмови во Кинотека

На 26 јули со почеток во 21 часот во Кинотеката на Македонија по повод 57 годишнината од скопскиот земјотрес, ќе се одржи премиерното прикажување на два домашни документарни филмови, во соработка со Македонскиот центар за фотографија.

„Првата светска војна, сеќавања” на авторот Роберт Јанкулоски е посветен на македонскиот фронт, а „Преживеани спомени” на авторите Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска е посветен на скопскиот земјотрес.

„Првата светска војна, сеќавања” е посветен на македонскиот фронт и на жртвите од Првата светска војна. Филмот е сниман во Македонија, Србија и Швајцарија а финансиски е поддржан од амбасадата на Швајцарија.

Филмот „Преживеани спомени” е дел од проектот „Фотографијата сведок или жртва” реализиран од страна на МЦФ во 2014 година во кој осум граѓани, евоцираат спомени како го преживеале земјотресот од 1963 година и што е она што засекогаш ќе го паметат од тоа летно утро.

Филмот е направен како дел од покомплексна уметничка инсталација и за прв пат се проектира надвор од поставката.

Кинотеката воведе мерки за заштита, па задолжителна е дезинфекцијата, носењето маска и одржување на физичка дистанца.