Сеќавање на Роберто Беличанец во клубот ГЕМ

Во клубот ГЕМ во Старата скопска чаршија утревечер (2 јули) со почеток во 19.30 часот ќе се одржи „Сеќавање на Роберто Беличанец“ по повод годишнината од смртта на познатиот активист за човекови права, аналитичар и медиумски експерт.

Една година од смртта на Роберто Беличанец

Настанот се одржува под мотото „Тишината не е решение – борбата продолжува!“, а го организираат Центарот за развој на медиуми, НВО Инфоцентарот, Фондацијата Отворено општество Македонија и Фронтот за слободата на изразување.

 Еве некои цитати од Беличанец:

„Не можам никако да прифатам да ми се подметнуваат прото-фашистички идеи како патриотизам и да ми се одрекува и мене и на сите кои размислуваат различно дека не си ја сакаат државата само заради што не мислат како некој што им кажал.“ (Роберто Беличанец, трибина на ГЕМ, „Февруарски поход“, 2009)

„Мене ми е смачено да живеам во земја во која не владее закон, туку луѓе онака како што ќе им падне на памет. Мене ми е смачено да гледам како секој ден некој ми ги одзема личните слободи со потези на перо. Мене ми е смачено да живеам во земја на паши и бахати кабадаи кои што со човечките животи си играат без ни малку сомилост, а секогаш кога ќе бидат нападнати викаат „А, не јас сум патриот, не ме чепкај“.“ (трибина на ГЕМ, Велес, 2010)

„Тоа „Скопје 2014“ има и една друга симболика. Знаете, Самоиловите војници беа ослепени во 1014, во битката на Беласица. И си реков со паметот: „Па, добро, што овие слават? – Еден милениум слепило во Македонија? Тоа е она што ни го продаваат?“ (ГЕМ во Гевгелија, 17.03.2011)

„Се искористи се што можеше да се искористи, секоја лага што можеше да се искористи, само за да се пренасочи вниманието од вистинските случувања во државата. Значи, прво беше името, па после излезе „Скопје 2014“, значи фрлање кикирики за да се занимаваме со нив, за додека вниманието е насочено таму, само да се краде, и да се краде и да се краде… Сега повторно ќе се соочиме со пропагандна алхемија…“ (ГЕМ во Ростуше, 29.04.2011)

„Кога паѓа слободата, прво паѓа слободата на изразување. Кога се руши слободата, прво се затвора устата, за да може после да почне тепањето. Она што го видовме во парламент беше истото. Прво беа измолкнати новинарите надвор, а потоа почна тепањето…. Треба да размислуваме за нов медиумски систем, за ова никогаш да не ни се повтори. Пет-шест медиумски сопственици да се врзат за некоја власт и сите луѓе да ги фрлат во лага и во заборав… Ќе ве потсетам на уште една работа за „соработката“ на медиумите со полицијата. Ако таа „соработка“ се оствареше така како што очекува власта порано, се сеќавате на случајот Мартин Нешковски, ќе немаше кој да јави дека човек беше убиен на плоштадот. Ако медиумите не се слободни, ќе почне да не снемува еден по еден, и да не јаде црна темница. Тоа не смееме да им го дозволиме. “ (Говор на протестите по повод случувањата на 24 декември, 02.01.2013)

Извор