Сегрегација или подостапно образование – прво средно училиште во Шуто Оризари

Отворањето на првото средно училиште во Шуто Оризари предизвика поделени реакции кај ромските граѓански организации и  познавачите на состојбата во образованието. Едни даваат целосна поддршка за проектот, други предупредуваат на можна опасност од сегрегација поради одделувањето на ромските средношколци од другите населби и на учениците од другите националности кои живеат во земјава. Во новото училиште учениците ќе се образуваат за идни медицински сестри, градежни техничари, келнери, фризери и економисти.

„Од самиот почеток кога се планираше овој проект бев сосема против таа идеја, бидејќи е сложено и нелогично да се изгради ваков комплексен центар каде ќе се изведува настава по толку образовни струки“, вели професорката Мирјана Најчевска.

Таа укажува и на проблемот со можната сегрегација.

„Освен што сметам дека тоа би го намалило квалитетот на образование во оваа сложена средоучилишна установа, сметам дека оваа идеја е спротивна од сите планови за инклузија на младите Роми во заедницата, како и нивно поголемо вклучување во образованието. Баш напротив, тоа ќе придонесе за поголема нивна сегрегација, наместо да ги доближи поблизу до останатите заедници“.

Реакциите на претставниците на ромската заедница се главно позитивни. Сепак, според Фатима Османовска Кундевска од Ромскиот ресурсен центар останува неизвесно дали отворањето на училиштето ќе има позитивен ефект за младите Роми.

„Доколку самото училиште се профилира на начин кој ќе предизвика интерес кај учениците од околните општини за запишување во училиштето, истото може да служи како пример за училиште кое е модел за интеркултурен и мултиетнички соживот. Меѓутоа, со оглед на ниското ниво на промоција на училиштето помеѓу учениците од околните општини (Чаир, Бутел) за целите на овогодинешниот упис, очекуваме мнозинството ученици во оваа година да бидат од ромска националност, што секако би придонело до одреден степен на сегрегација. Самата сегрегација може да се избегне со промоција на училиштето во наредните учебни години, пред сé, со понуда на квалитетен наставен кадар за сите профили и струки“, објаснува Османовска Кундевска.

Поранешниот министер за образование и наука, Ненад Новковски за Радио МОФ вели дека училиштето е добра идеја, но и сериозен предизвик. Според него, ова е добро дополнување за постојните образовни институции,но не треба да биде замена за постоечкото средно образование кое досега име беше достапно на ромските ученици.

„Кога станува збор за одделување на младите Роми од учениците од другите националности, сметам дека не би требало да дојде до тоа, доколку ова училиште служи само како дополнување, а не како замена. Доколку учениците кои моментално посетуваат средно училиште надвор од Шуто Оризари би се запишале во ова училиште, би претставувало проблем. Но, доколку служи за другите да имаат полесен пристап до средно училиште и олеснети услови да учат, моето мислење е претежно позитивно“, вели тој.

За Фатма Бајрам Аземоска од Здружението за развој на ромската заедница во Македонија „Сумнал“, проектот е за поздравување.

„Ме радува што после толку време конечно се отвори средно училиште во Шуто Оризари. Се надевам дека тоа ќе придонесе и за почитување на законската регулатива за задолжително посетување на средно училиште од страна на младите Роми“, смета Бајрам Аземоска.

Ова е прво средно училиште на територијата на Шуто Оризари. Според министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, целта на проектот е „наместо ромските ученици да патуваат до средните училишта во другите општини на Скопје, да го продолжат средното образование во непосредна близина на нивните домови“.

Сепак соговорниците укажуваат дека е неопходно да се следат сите случувања, како и да се направи анализа по првото полугодие за да се укаже на влијанието на училиштето кон младите Роми од општината, но и за да се постигне поквалитетно образование.

Стефанија Тенекеџиева