Седумгодишно девојче од Алепо го „твита“ своето секојдневие во војната

Седумгодишната Бана ал-Абед од Алепо „собра“ околу 4000 следбеници на Твитер за само неколку недели. Заедно со својата мајка Фатима, таа живописно го опишува својот живот во опседнатиот град, каде секојдневно се судираат бунтовниците, режимот и ИСИС.

Кога седумгодишната Бана ал-Абед се разбудила од својата попладневна дремка, ја прашала мајка си дали е веќе утро. Преку нејзиниот прозорец гледала светлина. Но, ова не била природна светлина, туку целото соседство светело од фосфорни бомби.

„Кога тие бомби удираат, нашите срца се тресат пред да почнат да се тресат и зградите“, вели нејзината мајка Фатима преку Скајп, со нејзината ќерка до неа, во слабо осветлената соба, а во позадина се слушаат звуци на истрели од митралез.

Во изминатите 10 дена, бомби „врнат“ врз урнатините на источен Алепо – опседнатите делови од најголемиот град во Сирија. Бомбардирањата спроведени од руски и сириски воени авиони оставија стотици мртви и повеќе од 1000 ранети, со што се преполнија неколкуте болници кои сѐ уште работат, иако се често и самите под напад.

Минатата средна, Уницеф објави дека повеќе од 100 деца починале во нападите, а тој број порасна оттогаш.

Бана и нејзината мајка досега успеале да преживеат, и ги користат социјалните медиуми да го опишат својот живот под опсада. На нејзиниот профил на Твитер, @alabedbana, кој сега има повеќе од 4000 следбеници откако почнала да „твита“ на 24 септември со само една порака: „Ми треба мир“, Бана и Фатима даваат краток приказ на секојдневието исполнето со насилство, и слики од уништениот град, истовремено покажувајќи видеа од Бана додека црта или учи англиски.

Твитовите се напишани на основен англиски јазик, колку што може да го познава дете кое се труди да се изрази, а оние кои се потпишани од мајка ѝ се пореторички.

„Бана ме праша зошто светот не нѐ слуша. Зошто никој не ни помага?“, изјавила Фатима за Гардијан, кога ја прашале зошто користи Твитер да го документира уништувањето околу неа.


Бана и нејзиниот помал брат, кој има пет години, повеќе не одат на училиште. Откако училиштето каде учеле било бомбардирано, одлучиле да останат дома, а Фатима да го пренесува на нив она што го знае.

Фатима одлучила да останат во Алепо, мислејќи дека војната ќе трае години или две, и бидејќи таму живее цел свој живот.

„Не можеш да ја напуштиш сопствената кожа. Овде живееле моите родители, ова е мојата земја, мојот дом, мојот здив“, вели мајката.

Вели и дека војната „елиминирала сѐ што за нив значело живот“, и сега се чудат дали ќе преживеат до наредниот ден.

„Сите мислат дека оние под опсада се терористи, а како што можете да видите, ние сме само обични луѓе. Ние сме Сиријци, ние сме луѓето на Алепо“.