Седумгодишни деца копаат метали за мобилните телефони, предупредува Амнести интернешенел

Илјадници деца, некои на возраст од само седум години, работат во опасните рудници за производство на минерал кој е неопходен за напојувањето на мобилните телефони, компјутери и акумулатори од целиот свет.

Во вторникот, 16 од најпознатите електронски брендови во светот, вклучувајќи ги и Епл, Сони и Мајкрософт се обвинети за непреземање одговорност при набавката на некои суровини од Демократската Република Конго. Големите компании се обвинети дека не направиле „основни проверки”, за да се осигураат дека кобалтот кој во рудниците се собира од страна на деца работници, не се користи во нивните производи, соопштија Амнести интернешенел и Афтервоч во својот последен извештај.

Во извештајот се укажува дека продажбата на кобалт, кој се користи во литиум-јонските батерии, доаѓа од рудниците во кои, како што се тврди, деца и возрасни работат во опасни услови.

Контактирани од страна на Амнести и Афтервоч, компаниите изјавиле дека имале “нула толеранција” кон детскиот труд. Но критичарите велат дека постои мала регулација во рудниците во Конго и глобалниот пазар на кобалт.

Децата можат да работат до 12 часа за надокнада од 1 до 2 долари на ден, во небезбедните рудници за кобалт, каде што скоро и да не се применуваат стандардите за безбедност, велат од организациите. Мнозинството од кобалтните наоѓалишта во нерегулираниот сектор Конго, се продаваат на топилниците во Кина, кои пак ги снабдуваат со компонентата за батерии фабриките низ целиот свет. Помеѓу Конго и Азија, крајниот извор на материјалите е често непознат.

Епл соопшти дека ги разгледува сериозно сите предупредувања и ги „истражува сите наводи. Сони пак вели дека спроведува истрага за „утврдување на фактите”. Мајкрософт соопшти дека веќе не користи извори за кобалт од кинеската фирма вмешана во трговијата со Конго.