Филмот „Трансформери 4: Време на истребување“ на режисерот Мајкл Беј, четврти во серијалот за супермоќните роботи од другите галаксии кои се борат за доминација со светот, ќе има дури седум шанси да потврди дека е најлош филм за 2014, на годинешното доделување на наградите „Златна малина“.
Филмот, меѓу другото, е номиниран во категориите: најлош филм, најлоша режија и најлошо филмско продолжение. Следат филмовите „Легенда за Херкул“ со шест номинации, меѓу кои и за главниот актер Келан Луц, како и „Спасувањето на Божиќ“, кој исто така е номиниран за најлош филм. „Нинџа желки“ со Меган Фокс и „Хаос“ со Николас Кејџ исто така се во трка за наградата од која стравуваат нејзините добитници.
Номинации за најлоша глума добија и Камерон Диаз, Шарлиз Терон, Дру Баримур и Адам Сендлер. Сендлер е еден од „најуспешните“ во оваа награда. Во 2012 тој се „закити“ со „Златна малина“ за најлош актер, за филмот „Татков син“. Следната година, Сендлер „триумфираше“ со филмот „Џек и Џил“, како најлош актер и најлоша актерка, затоа што во филмот играше и брат и сестра.
„Златна малина“ постои од 1980 година и се доделува воочи доделувањето на најпрестижните филмски награди – „Оскарите“. Сите номинации ги бираат 757 членови на Фондацијата „Златна малина“, која е пародија на Американската академија за филмска уметност и наука, која ги доделува „Оскарите“. Доволна е претплата од 40 долара годишно, за влез во таа фондација.
„Победниците“, кои обично не доаѓаат на церемонијата на доделување, добиваат трофеј кој се состои од малина со големина на топче за голф, на филмска лента. Бојадисана е во жолта боја, како да е од злато и вреди 4,79 долари. Досега, единствените „победници“ кои дошле на церемонијата беа Сандра Булок и Хали Бери.
Денеска ќе бидат објавени и номинациите за наградите „Оскар“, кои ќе бидат врачени на церемонијата на 22 февруари.
Извор: РТС