Седум претстави и документарец на Фестивалот на комедијата „Гола Месечина“

Седум претстави и еден документарен филм се дел од програмата на шестиот Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“, кој Театар Комедија го организира секоја година во соработка со Општина Аеродром во населбата Ново Лисиче.

Оваа година фестивалот ќе се одржува од 2 до 9 септември. Претставите ќе се изведуваат во спортскиот центар „Ново Личиче“, со почеток во 20 часот, а влезот за посетителите е бесплатен.

Покрај домашни, ќе бидат изведени и две гостински претстави – од Ниш и од Загреб. Фестивалот „Гола месечина“ вечер ќе го отвори Театарот за деца и младинци со претставата „Волшебната флејта“. Утре ќе се прикаже „Кнегињата од Фоли Брежера“ на Народно позориште Ниш, а во наредните пет дена ќе бидат изведени претставите: „Мани, мани, мани“ на НУЦК „Трајко Прокопиев“ од Куманово; „Забрането смеење“ на театарот „Антон Панов“ од Струмица; „Како да се ограби банка“ на Драмскиот театар; „Каде е пиштолот?“ на Народниот театар Охрид и „39 степеница“ на Загребачко градско казалиште „Комедија“ од Загреб.

Фестивалот свечено ќе биде затворен идниот понеделник, 9 септември, со доделување на наградите и премиерно прикажување на документарниот филм за актерката Анче Џамбазова (1942-1997).

На затворањето на 6. „Гола месечина“ за посетителите ќе има и стендап на Никола Тодоровски.