Седум починати, 125 новозаразени и шест оздравени пациенти од Ковид-19 во изминатото деноноќие

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека во изминатото деноноќие се потврдени 125 нови случаи на Ковид-19, односно, регистрирани се 89 случаи во Скопје, 11 во Тетово, осум во Охрид, четири во Куманово, три во Струга, по два во Штип, Прилеп и Струмица и по еден случај во Велес, Гостивар, Кичево и Ресен.

Од МЗ информираат дека починале седум лица.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Скопје (79г) на клиниката од 19 мај, пациентка од Струга (66г) хоспитализирана на 8 јуни, пациентка од Скопје (54г) примена на 5 јуни и уште една пациентка од Тетово (46г) која починала при прием во амбулантата“, стои во соопштението на МЗ.

Во болницата „8-ми Септември“ починала пациентка од Скопје на 77-годишна возраст примена на 8 јуни и пациентка од Струга на 73-годишна возраст примена на 7 јуни.  Во болницата во Штип почина пациент на возраст од 87 години, хоспитализиран на 26 мај.

Институтот за јавно здравје регистрирал шест оздравени пациенти, односно, четири во Велес, и по еден во Скопје и Прилеп.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 3364, бројката на оздравени пациенти е 1664, на починати е 164, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1536“, стои во соопштението на МЗ.

Во последните 24 часа се направени 1019 тестирања. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 19 теста се во рамките на скринингот во градинки во Скопје, нема позитивни резултати на Ковид-19.

На Инфективната клиника во Скопје во изминативе 24 часа примени се шест нови, а вкупно се хоспитализирани 74 пациенти. Од нив, на кислородна поддршка се 29 пациенти, а нема пациенти на механичка вентилација.

Во болницата „8-ми Септември““ примени се 15 нови, а вкупно се хоспитализирани 57 пациенти. Од нив, на респираторна машина се осум, a со потешка клиничка слика се уште осум пациенти.

„Во болницата во Битола се хоспитализирани 15 пациенти, а на домашно лекување преку болницата се следат 2 пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани 22 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 35 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19“, соопштуваат од МЗ.

Досега во земјава се направени вкупно 39.033 тестирања на Ковид-19.