Нови седум лица од Тетово, Кичево, Штип, Куманово и од Охрид денеска се јавиле со симптоми на покачена телесна температура, а се тестирани за корона вирус, информираше министерот за здравство, Венко Филипче на денешната прес-конференција. Тој најави дека резултатите ќе бидат соопштени во текот на денот.
„Имаме седум нови материјали кои се работат, а пациентите се од Штип, Куманово, Тетово, Кичево и од Охрид. Некои од нив биле во Швајцарија, Австрија и во Германија, а после неколку дена од враќањето развиле висока температура“, истакна Филипче, додавајќи дека тие сега се наоѓаат во одделение за изолација.
„Дополнително има пациент од Охрид за кој чекаме резултат. Две бремени жени кои се донесени вчера од Дебар и двете се во стабилна состојба. Не се пред породување, но се во изолација за да се направат тестовите“ соопшти министерот.
Вкупниот број на регистрирани пациенти со коронавирус во земјава изнесува 18 лица, со тоа што првата пациентка е веќе излечена.
На Клиниката за инфективни болести се сместени 13 пациенти, додека во Здравствениот дом во Дебар се сместени уште 5 пациенти.