Седум нови, 24 оздравени и еден починат пациент од Ковид-19 во изминатите 24 часа

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека Институтот за јавно здравје регистрирал 24 оздравени пациенти кои се лекувале во домашни услови.

Од МЗ исто така соопштија дека во изминатите 24 часа се потврдени седум нови случаи на Ковид-19, односно по градови, регистрирани се три случаи во Тетово и по два случаи во Куманово и Кочани. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти се искачи на 1.231 лица.

„Во ГОБ ‘8 септември’ почина пациент од Лабуништа на 70 годишна возраст. Во тешка состојба, пациентот бил хоспитализиран на 8 април и веднаш приклучен на респираторна машина“, се вели во соопштението на МЗ.

На Клиниката за инфективни болести во Скопје моментално се хоспитализирани 60 пациенти, од кои 18 се на кислородна поддршка, а четири пациенти се на механичка вентилација.

Во болницата „8-ми Септември“, хоспитализирани се 45 пациенти, од кои седум се со потешка клиничка слика, а пет пациенти се на респираторна машина.

Во изминатото деноноќие направени се 207 теста, односно преку Институтот за јавно здравје 201 тест и преку болницата „Филип Втори“ шест. Досега во земјава се направени вкупно 12.340 тестирања на Ковид-19.