Седум лица приведени за автобуската несреќа кај Ласкарци

Сопственикот и раководителот на „Дурмо Турс“, возачот и уште четири лица одговорни за техничкото одржување на автобусот се приведени поради автобуската несреќа кај селото Ласкарци во која, пред еден месец, животот го загубија 15 лица.

Главната причина за несреќата, според Јавното обвинителство, била преголемата брзина со која се движел автобусот и несоодветната исправност на сопирачките.

Јавниот обвинител Сашо Рајчев соопшти дека шестмина од приведените се осомничени за „тешки дела против безбедноста и луѓето во имотот и сообраќајот“, додека седмото лице е обвинето за „несовесно работење во службата“, бидејќи издало дозвола дека тахометарот во автобусот бил целосно исправен без да ги направи неопходните проверки, и против него не е отворена истражна постапка поради природата на делото.

Истрагата заклучила и дека во автобусот имало инсталирано уред за манипулирање со тахографот, со кој не се евидентирала точната брзината на движење на автобусот. Вештачењето покажало дека автобусот се движел со 99 километри на час, што е недозволена брзина за возило со таа тежина, а возачот на автобусот при патувањето го вклучил уредот за манипулирање со тахографот.

„Како резултат на сите пропусти на овие шест осомничени доаѓа штетната последица – 15 жртви и 39 лица со тешки телесни и телесни повреди“, рече јавниот обвинител Рајчев.

Обвинителството ќе бара притвор за шестмина од приведените, додека за седмото лице ќе бара мерки на претпазливост.

Утврдено било и дека возачот не управувал со телефон за време на несреќата.