Седум години затвор за кинеските студенти кои препишуваат на приемните испити

Кинеските студенти кои ќе препишуваат во текот на полагањето на примените испити на факултетите, може да добијат затворска казна од седум години. Покрај ова, ќе им биде забрането да полагаат други државни испити, во рок од три години.

Образовните органи веруваат дека со острите казни за оние кои ќе мамат на испитите ќе биде обезбедена праведност на испитите, што се смета за важен дел од социјалната правда во кинеското општество, објави кинескиот портал „Глобал тајмс“.

Кинеското Министерство за образование и полицијата повеќе пати барале од локалните власти сериозно да го решат проблемот со мамењето на испитите, па се преземени мерки против користењето на безжични уреди кои се користат на испитите, како и против полагањето на други лица на местото на оние кои се пријавени дека полагаат.

Приемните испити за факултетите, чие полагање во Кина започна во вторник, претставува голем стрес за милиони ученици кои се натпреваруваат за ограничен број на места на универзитетите во оваа земја.