Седница на Влада: Критериуми за издавање пасоши, средства за субвенциониран јавен превоз за студенти

По реакциите на граѓаните кои веќе неколку недели се соочуваат со проблеми при вадење на патни исправи, на синоќешната седница Владата на Северна Македонија го задолжи Министерството за внатрешни работи да утврди механизам, односно методологија и критериуми за начин на издавање на патни исправи до 24 март, за кога е најавена испорака на дополнителна количина на обрасци на патни исправи.

Покрај оваа одлука од Владата соопштија дека биле донесени повеќе одлуки за непречен континуитет во работата на институциите откако ќе се распишат изборите.

Владата ја усвои и одлуката за одобрување средства од Буџетот на Министерството за образование и наука за 2020 година, наменети за субвенционирање на бесплатниот градски превоз за редовните студенти на државните универзитети, а ја усвои и Програмата за изградба и реконструкција на спортски објекти за 2020 година.

На седницата била донесена и согласност на Правилникот за доделување финансиски средства преку Иновациски ваучери на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).

„Правилникот за доделување финансиските средства преку Иновациските ваучери сe воведува за прв пат во Република Северна Македонија, а негова основна цел е да ја поттикне соработката помеѓу претпријатијата и академските и научно-истражувачките установи во насока на спроведување иновациски активности, со што претпријатијата ќе ја зголемат својата конкурентност.
Со ваучерите кои ФИТР ќе им ги додели на компаниите кои имаат намера да започнат нови производи, процеси и услуги со иновативна компонента, ќе се надоместуваат трошоците за услуги на академските и научно-истражувачките институции кои за нив ќе изготвуваат истражувања и анализи што ќе го помогнат успешното реализирање на новите процеси“, соопштија од Владата.

Од Владата соопштија и дека се поништени повеќе кадровски решенија предложени од техничкиот министер за внатрешни работи и доскорешниот министер за труд и социјална политика.