Седмо издание на „Скопје постер фестивал“ под мотото „Дизајн за мир“

UntitledПод мотото „Дизајн за мир“ од 4 до 20 декември во Скопје ќе се одржи седмото издание на „Скопје постер фестивал“, настанот кој од некогашниот студентски конкурс веќе прерасна во препознатлив и оригинален фестивал.

Во организација на здружението на графички дизајнери ПЛАКАРТ, а со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија и Младинскиот културен центар, фестивалот се стреми да ги задоволат вкусовите на креативната фела. Скопје постер фестивал останува доследен на своите претходни изданија и повторно најавува богата програма предводена од врвни имиња од светот на графичкиот дизајн.

Оваа година гостуваат Ива Бабаја – претседател на светската дизајн асоцијација Icograda и Давор Брукета –еден од најуспешните дизајнери во Југоисточна Европа, со 400 награди како признание за неговите генијални креативни проекти. Во текот на фестивалот во Скопје ќе престојува и Борут Вилд, еден од најинспиративните балкански дизајнери со над 100 меѓународни проекти, иницијатор на бројни успешни регионални дизајн збиднувања.

Годинава присутните ќе имаат можност да погледнат идејни решнија на графички дизајнери кои на исклучителен начин ја искористиле својата креативност, селектирани од членовите на жирито. Истовремено ќе се дискутира и за  „Состојбата на дизајнот на Балканот и негово интегрирање во едукативните процеси“ во рамки на истоимената прва регионална дизајн конференција одржана во земјава.

Програмата за настанот може да ја преземете ОВДЕ.