Седмо издание на детскиот театарски фестивал „Сонот на облачето” од 25 до 27 ноември

Седмото издание на интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето” ќе се одржи од 25 до 27 ноември во киното Фросина во просториите на Младинскиот културен центар во Скопје.

На првата фестивалска вечер, со почеток од 19:30 часот, пред публиката ќе се претстават Luz Micro Y Punto од Шпанија со претставата „Светлосни години”.

Следниот ден, на 26 ноември, со почеток од 18 часот, најпрво ќе биде прикажан анимираниот филм со сенки „Црна школа” – проект на младиот Фабијан Штроебер од Германија, кој по проекцијата ќе одржи презентација за креативниот процес на изработка на анимацијата. Веднаш потоа, со почеток од 19:30 часот по вторпат во Скопје гостуваат Cia Quase Cinema од Бразил, овој пат со нивната најнова претстава „Циркус анимус”.

Последната фестивалска вечер, 27 ноември, ќе ја одбележи изведбата на претставата „Алиса и чудата“ во 19:30 часот од страна на организаторот на фестивалот Театар „Сенки и облаци”.

Во текот на фестивалот ќе биде одржана и бесплатна работилница со Cia Quase Cinema и Бразилскиот културен центар. Ќе биде поставена и изложба на традиционални кинески кукли за театар на сенки изложени во умешно изработената сценографија од страна на дечињата кои ја посетија работилницата за вешто сечење хартија под водство на Институт „Конфуциј” при УКИМ и Театар „Сенки и облаци”.

Во фоајето на МКЦ ќе биде поставена инсталацијата „Облаче за секое дете” – продажна изложба на светлосни објекти за кои инспирација се небото, облаците и детската слобода. Делата се креирани од реупотребени материјали во рамките на ХОПС, а средствата собрани од продажбата се наменти за децата со кои ХОПС соработува.

Организатор на фестивалот е Театар „Сенки и облаци“ од Скопје, со поддршка од Министерството за култура, Градот Скопје и МКЦ.

Билетите се во продажба на билетарницата на МКЦ по цена од 150 денари, како и онлајн на https://bileti.mkc.mk/.