Седмото издание на „Си Денс“ (Sea Dance) Фестивал годинава ќе трае четири дена на тиркизниот залив на плажата Буљарица во Будва, од 26 до 30 август.
На 26 август, ќе настапат планетарните хитмејкери „Медуза“ (Meduza) – едни од фаворитите за „Греми“ наградите со над милијарда слушања на видео и стиминг платформите, мултиталентираниот уметник од Амстердам – Сатори (Satori), кој ќе го изведе својот оригинален лајв настап и легендарниот рок состав „Бајага и инструктори“.
Вториот ден на фестивалот, во петок 27 август на главната фестивалска бина ќе настапат Масео Плекс, Сенида, Војко В, Тијана Т и локалците Рејвен ТК во б2б сет со Проксимус, додека за третиот ден, сабота 28 август најавени се „Тејл оф Ас“ и домаќините П.С. и О.Г. феат. дисторжн. Последниот фестивалски ден, во недела 29 август посетителите ќе имаат прилика да уживаат во настапите на Борис Брејча, Ан Клу, „з++“, „Ху Си“ и „84Бит“.
Еден од клучните услови за одржување на фестивалот е придржување кон безбедносниот протокол за организирање на масовни настани, кој „ЕГЗИТ“ фестивалот го примени во Нови Сад, но прилагоден кон условите во Црна Гора. На Фестивалот ќе можат да влезат сите кои добиле барем една доза вакцина, сите кои имаат документација дека прележале корона (документ не постар од 180 дена) или сите кои поседуваат негативен резултат на ПЦР тест, не постар од 72 часа.
Со оглед на мерките воведени во Црна Гора, можно е условите за влез дополнително да се прошират од 2 август, најавуваат организаторите.
Во моментов, во продажба се наоѓа ограничен контингент фестивалски влезници за „Си Денс Фестивал 2021“, додека продажбата на еднодневните влезници ќе биде овозможена од петок, 30 јули.