#СедиСиДома и исклучи ги светилките – Часот на планетата Земја

Оваа година, Часот на планетата Земја ќе се одржи денеска (28 март), кога во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 града во преку 180 држави ширум светот, а меѓу кои и нашата.

Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, Часот на планетата Земја сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата.

„Во периоди на криза можеме да покажеме дека само ние како поединци имаме моќ да направиме промена. Во моменти кога целиот свет се обединува во борба против уништувањето, без разлика дали се тоа смртоносни вируси, или пак климатските промени, треба да останеме смирени и фокусирани, а самосвеста да ни биде на највисоко ниво. Исклучувањето на светилките од јавните простори да го пренесеме во нашите домови и заеднички да испратиме порака за спас на планетата, бидејќи сега и е најпотребна нашата помош“, велат од македонската канцеларија на Часот на планетата Земја.

Со оглед на тековната криза, Светскиот фонд за природа и глобалните канцеларии на Часот на планетата Земја ширум светот им препорачуваат на сите лица да учествуваат ВИРТУЕЛНО во акцијата оваа година, за јавното здравје и безбедност.

„Часот на планетата Земја ги откажува сите јавни закажани настани согласно препораките на Владата на Р.С. Македонија за заштита и превенција на ширењето на новиот COVID-19 вирус, па затоа ве повикуваме да ја пренесеме акцијата од улиците во нашите домови“, вели Ѓорги Селков, од канцеларија на Часот на планетата Земја.

Оттаму ги повикуваат граѓаните и сите поддржувачи да се приклучат на едноипол часовниот спектакл на инстаграм профил @earthhourmk, каде што ќе присутните ќе имаат можност да ги проследат настапите на „Некст тајм“, ДНК, Антонија Гиговска, Иван Јованов, Огнен Здравковски, Теа Трајковска, а исто така ќе можеме да поразговараат и за климатските промени со Ване Марковски, Ирена Спировска, Татјана Алексиќ и повеќе јавни личности. „Инстаграм Лајв“ сесијата ќе започне во 20 часот, додека светилките ќе ги се исклучат во 20:30 часот.

Часот на планетата Земја е предводник на глобалното движење за животна средина на WWF, светска организација за зачувување на природата, со над 5 милиони поддржувачи и глобална мрежа активна во над 100 земји.  Започнат во Сиднеј во 2007 година, Часот на планетата Земја стана еден од најголемите движења во светот за животната средина, инспирирајќи ги поединците, заедниците, бизнисите и владите во повеќе од 180 земји и територии ширум светот да преземат активности за спас на  животната средина. Историски гледано, Часот на планетата Земјата во минатото се фокусираше на климатската криза, но од неодамна, се обидува да го донесе и нагласи прашањето за загубата на природата. Целта е да се создаде незапирливо движење за природата, препознавајќи ја улогата на поединците во креирањето решенија за најгорливите предизвици на планетата.