#СедиДомаСоИсторија – скопски основци на креативен начин учат историја во време на коронавирус

Што можеме да научиме од историјата – Лекции од Спартанците, од Мајка Тереза, Наполеон Бонапарта .. се само неколку од видео презентациите кои ги прават основците од скопското училиште „Мирче Ацев“ под менторство на својата наставничка по историја Ирена Младеновска.

Во време кога се затворени училиштата поради коронавирусот Ковид 19, наставничката на овој начин ја поттикнува нивната креативност со цел и да учат и да помогнат во поттикнување на одговорноста кон себе и останатите, во борбата за намалување на коронавирусот и зголемување на одговорноста кај сите.

„Главната цел на овој проект е учениците под мое менторство, во комуникација преку социјалните мрежи да изработат презентации преку кои со примерите од минатото, ќе укажат на тоа дека соработката, одговорноста, почитување на правилата и слично, биле од големо значење за развиток на човековото општество и ни се најмногу потребни и во нашата новонастаната ситуација“,  појаснува наставничката Младеновска за Радио МОФ.

Таа додава дека проектот не застанува кај овие презентации, туку ќе продолжи со виртуелна изложба, електронски весници, и изработки на различни теми како ,,Она што не ве учат на час”, ,,Историја на една љубов”…Во проектот #седидомасоисторија се вклучени учениците од тимот „Љубители на историјата“ од ООУ „Мирче Ацев“ : Мартин Тошевски, Бојан Дамјановски, Дамјан Тодорчевски, Јасмин Диздаревиќ, Ајла Аломеровиќ, Мила Игнатовска, Елена Тодоровска, Софија Гиева, Сара Шкоро, Грегори Љубенов и Петар Мицевски.