Сеалбански протестен марш на движењето „Беса“ за оставка на Владата

Голем број граѓани на различна возраст денеска излегоа на најавениот сеалбански протест организиран од неформалното политичко движење „Беса“ под мотото „Протестирам албански“. Тие побараа оставка за Владата предводена од Никола Груевски и Али Ахмети веејќи албански знамиња низ скопските улици и извикувајќи албански пароли.

Протестот започна во паркот во Чаир, по што демонстрантите се упатија кон мостот „Гоце Делчев“ од каде упатија пораки и се одржаа обраќања.

Според организаторите, со овој протест граѓаните бараат оставка од Владата на Груевски и Ахмети, расветлување на сите политички монтирани случаи во Македонија, меѓу кои и на случаите „Монструм“ и „Сопот“, како и нов договор во државата каде Албанците и Македонците ќе бидат рамноправни. Тие велат дека протестот е сеалбански бидејќи досега немало можност да се слушне гласот на Албанците.

На маршот присуствуваа и граѓани од други градови кои организирано со автобуси пристигнаа во Скопје.

Денешниот протестен марш го поддржаа 45 политички и невладини организации, како и повеќе јавни личности.