Се запали автобус на ЈСП на линијата 24

Три пожарникарски возила и осуммина пожарникари претпладнево речиси еден час го гаснеа пожарот кој избувнал во автобус на ЈСП, кој сообраќа на линијата 24. Пожарот се случил на последната станица во Кисела вода, а автобусот бил празен.

Како што соопштија од Противпожарната служба во Скопје, интервенцијата траела од 9:40 до 10:35 часот, а причинета е материјална штета од околу 500 евра.

Патници од ЈСП кои претпладнево се возеа со 24-ка, не се зачудени од тоа што букнал пожар во автобус  кој вози на оваа линија.

„Проблемот се случи денеска, околу 9 часот и 15 минути кога прилично стариот автобус, број 24, со околу 30-тина патници во него, имаше проблеми да ја искачи нагорнината на раскрсницата кај „Урбан Парк“ во правец кон Кисела Вода. Автобусот еднаш неуспешно се обиде да ја премине раскрсницата, а во вториот обид успеа да се придвижи по што почна да се чувствува мирис на изгорено во внатрешноста“, вели за Радио МОФ патник кој претпладнево се возеше на линијата 24, со автобус на ЈСП.

Пред само десет дена се запали уште еден автобус на ЈСП, со број 2, кај трговскиот центар „Антико“ во Карпош 4.