Се воведуваат засилени контроли за употреба на социјални мрежи низ Европа: Ограничување на возраст и задолжителни родителски контроли

Од Франција до Данска, од Шпанија до Грција, сè повеќе европски земји разгледуваат воведување возрасни ограничувања, правила за родителска согласност и построги системи за верификација на возраста за децата и тинејџерите на интернет.

Додека едни ги сметаат овие мерки за неопходна заштита, други се сомневаат во нивната практична примена.

Јасно е дека односот на децата со социјалните мрежи повеќе не е само прашање на родителско воспитување – станува и политичко и општествено прашање.

Шпанија

Премиерот Педро Санчез најави дека веќе следната недела во законска процедура ќе биде вклучена забрана за користење социјални мрежи за деца под 16 години. Според истражување на Ipsos, 82% од Шпанците поддржуваат забрана за деца под 14 години, иако сè уште не е сигурно дали предлогот ќе добие парламентарно мнозинство.

Италија

Италија разгледува ограничување за деца под 15 години и регулирање на т.н. „деца-инфлуенсери“. Предлогот предвидува задолжителна верификација на возраста преку национален дигитален идентификациски систем, во согласност со идните правила на ЕУ.

Грција

Грчката влада е блиску до воведување забрана за социјалните мрежи за деца под 15 години, по моделот на Австралија. Паметните телефони веќе се забранети во училниците, а апликацијата „Kids Wallet“ им овозможува на родителите контрола и верификација на пристапот до интернет.

Германија

Германската влада ја анализира темата и планира извештај во 2026 година. Постојат бројни петиции за забрана на социјалните мрежи за деца под 16 години, а прашањето се разгледува и во парламентот.

Франција

Франција веќе донесе закон со кој им се забранува пристап до социјалните мрежи на деца под 15 години. Се очекува неговата примена да започне пред новата учебна година, по одобрување од Сенатот.

Данска

Данска најави ограничувања за користење одредени социјални мрежи за деца под 15 години, поради нарушен сон, намалена концентрација и психолошки притисоци. Законот ќе им овозможи на родителите да одлучат дали ќе дозволат пристап од 13-годишна возраст.

Македонија

Во меѓувреме, и во Македонија се појавија граѓански иницијативи кои повикуваат на воведување возрасни ограничувања за користење на социјалните мрежи. Сепак, засега мислењата кај родителите се поделени – дел сметаат дека ваквите мерки се неопходни за заштита на децата, додека други предупредуваат дека забраните тешко се спроведуваат и дека е поважно едукацијата и родителската контрола.