Се воведува забрана за движење во шумите меѓу 7 и 17 часот

Од денеска до 15 август се воведува забрана за движење во шумите од седум часот наутро до 17 часот попладне. Ова е превентивна мерка за заштита од пожари на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од која се исклучени лицата кјои имаат дозвола од Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ и субјектите кои управуваат со заштитените подрачја.

Истовремено се воведува и забрана за палење стрништа, плевел и други растителни отпадоци во ловиштата.

Движењето во шумите за сите лица останува дозволено од 17 часот попладне до седум часот часот наутро дозволено, на сопствена одговорност за својата безбедност, но со обврската за ненанесување на штети на шумата како што е палењето отворен оган. Ова ограничување не важи за организирана тура туристи за туристичко разгледување на шумите со стопанска намена и националните паркови, која ќе биде во придружба на претставник од ЈП „Македонски шуми“ или националните паркови.

За непочитување на одредбите од забраната се предвидени казни од 1.500 до 2.000 евра, согласно член 106 од Законот за шумите.  Забраната за палење на стрништа, плевел и други растителни отпадоци во ловиштата се воведува според член 23 од Законот за ловството и друг земјоделски отпад на земјоделско земјиште, а за непочитување се предвидува глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра.