Се влошува здравјето на тројцата професори кои две седмици штрајкуваат со глад

Здравствената состојба на тројцата професори од Економскиот факултет во Штип кои веќе две недели штрајкуваат со глад, од утрово е драстично влошена, при што морала да интервенира и медицинска екипа. Кај професорите лекарите утврдиле тахикардија, вртоглавици и зголемено ниво на шеќер во крвта како последица на долготрајното изгладнување, па биле принудени да им дадат инфузија.

Штрајк со глад - Штип

Веќе две седмици професорите штрајкуваат со глад, незадоволни затоа што наспроти препораките на рецензентската комисија, Факултетот не ги унапредува во повисоко звање. Од вторникот кон штрајкот со глад се приклучија уште педесетина професори и наставници од раководството на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).

„Веќе не ги броиме деновите, ние сме само трет ден, но гледаме дека здравствената состојба на професорите од ден на ден се влошува. Најискрено, Синдикатот за образование и наука (СОНК) ќе остане доследен на солидарноста и ќе продолжиме со нашата подршка. Но, за жал веќе две недели трае штрајкот со глад на тројца професори, врвот на интелегенцијата да гледаме пред наши очи како се троши е крајно нехумано. Две недели отсуствува секаков дијалог, утринава бевме принудени да повикаме Брза помош и им беше дадена инфузија, но не знам дали тоа ќе биде доволно. Досега не се преземаше ништо, јас не знам до кога ќе продолжи ова, не сме проблем ние и нашата поддршка дали сме по двајца тројца во регионалните канцеларии или сме 35 илјади, тука се работи за нешто друго“, вели за Нова Маријан Костадиновски, претседател на Регионалниот одбор на СОНК во Штип.

Пред влошувањето на здравствената состојба, професорот Крсте Шајноски во колумна за Фактор пак му порача на ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ дека неговиот последен предлог за решавање на статусот на тројцата професори на Економскиот факултет е незаконски.

„Предлогот е надвор од постојната регулатива за избор во повисоки звања на Универзитетите. Па, дури и кога би го прифатиле, тој нема правно дејство и може да се оспорува. Меѓутоа, за волунтаристите таквото решение би станало преседан со кој се „гиљотинира“ постојната законска регулатива и би им се отворил простор за самоволно, автократско однесување на Универзитетот“, пишува Шајноски.