Сè уште нема закон, стратегија и национален план за прилагодување кон климатските промени

Северна Македонија и понатаму сè уште нема закон и стратегија за климатска акција како и национален план за прилагодување кон климатските промени, реагираат од Коалицијата за клима каде членуваат повеќе од 50 организации.

Оттаму велат дека за потребата од овие документи забележува и Европската унија во последните 3 извештаи за земјата, а истото е евидентирано како огромен недостаток и во третиот извештај за работата од областа животна средина на UNECE.

„Сакаме да искажеме длабока разочараност што и покрај сите наши заложби и професионално надградување на знаењата во областа климатски промени, и отвореност за соработка и поддршка, сè уште наидуваме на игнорирање на граѓаните и граѓанските организации од страна на институциите“, стои во реакцијата на Коалицијата за клима.

„Едностраното информирање на граѓаните преку официјалната веб страна на проектот за закон и стратегија за климатска акција и официјална веб страна на секторот климатски промени во Министерството за животна средина едноставно не е доволно и не обезбедува вклученост и партнерски однос во носењето на одлуки за ублажување и прилагодување на општеството кон климатски промени“, додаваат тие.

Од Коалицијата велат дека климатските промени се сериозен проблем кој навлегува во сите области и ги засега сите заедници и проблем кој драматично го менува и става во опасност секојдневието. Токму затоа, сметаат тие, граѓаните треба да бидат соодветно консултирани, информирани и вклучени во процесите на пишување и носење на овие национални документи.

„Како коалиција на граѓански организации кои работат во различни области од секторот животна средина и клима посочуваме дека граѓанскиот сектор игра значајна улога и дава значителен придонес во носењето одлуки во овие сектори, а институциите имаат обврска тој придонес да го земат во предвид и за сите превземени чекори да ги информираат и консултираат граѓаните. Ова е единствен начин да донесат одлуки и политики кои на прво место ќе го стават здравјето и добросостојбата на граѓаните и воедно ќе ги следат европските вредности на транспарентност, инклузивност и отчетност“, стои во реакцијата.