Се укинува градскиот и меѓуградскиот превоз во Куманово, поради коронавирусот

Целосно се укинува градскиот и меѓуградскиот превоз во Куманово, каде денеска се регистрирани пет нови случаи, а деновиве беше регистриран и првиот смртен случај, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче. Во изминатите 24 часа во државава регистрирани се 12 нови случаи на коронавирусот, од кои седум во Скопје, а останатите во Куманово. Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти изнесува 148 лица.

Министерот Филипче соопшти дека вчера во кумановската болница интензивно се правеле интервјуа и се анализирале првичните и секундарни контакти, сите во врска со починатата пациентка, а додаде дека од петте дијагностицирани, тројца се здравствени работници, односно двајца доктори и една медицинска сестра.

„Детално е анализирано и семејството, во смисла на контакти, релации во однос на евентуални патувања во странство, контакти со луѓе кои што биле во странство, имајќи во предвид дека резултатите се чекаат во текот на денот. Земени се вкупно 63 бриса, како медицински персонал во болницата, така и членови на семејството, согласно кои резултати ќе се направи план за работа и на целата болница во однос на функционирање на одделенијата“, додаде Филипче.

Меѓудругото, на денешната владина седница се дава и препорака за затворање на сите продавници во трговските центри коишто не се молови, а кои се во форма на полуотворени трговски центри.

„Донесовме одлука со која се задолжи Институтот за јавно здраје за поинтензивна работа, не само во Куманово туку и во целиот кумановски регион, со оглед на тоа што едно од заболените, односно позитивни медицински лица живее во околината на Куманово. Сметаме дека со овие мерки, со дополнително укинување на врските, има сериозна шанса да се спречи патот на ширење на вирусот“, рече Филипче.

Моментално на Инфективната клиника во Скопје има 29 пациенти кои што се лекуваат. Од нив една пациентка е на респираторна машина во тешка општа состојба, без промена во нејзината клиничка слика во изминативе неколку денови. Други шест пациенти се со потешка клиничка слика, но на нив се уште не им е потребна вентилаторна поддршка.

Од денеска Институтот за јавно здравје плански ќе спроведе тестирање на сите лица кои беа поврзани со случајот на Клиниката за кожни болести.

„Се работи за голема бројка, тие лица се се уште во изолација и за да нема оптеретување во лабораторијата која што во меѓувреме работи други тестови од други пациенти од целата држава, луѓето ќе се тестираат во неколку циклуси“, рече Филипче.

Завршени се и испитувањата во болницата во Кавадарци, каде е утврдено дека ниту еден од персоналот и пациентите на одделението за психијатрија нема позитивен тест.

„Согласно времето кога е остварен контактот за дел од нив ова се смета за дефинитивен резултат, а на останатиот дел на лица за кои што е потребно да помине повеќе време, ќе се чека 14-тиот ден за да се завршат тестирањата. Одделението е затворено, завршена е целосна дезинфекција, чистење по протокол од локалниот Центар за јавно здравје. Останатиот дел од болницата работи нормално и со пациенти и во однос на оперативниот програм, и во однос на одделението за гинекологија и акушерство“, соопшти Филипче.

Исто така, затворено е и одделението за трансфузиологија во Охрид, заради тоа што персоналот бил во контакт со лице кое како пациент дошло да подигне терапија. Кај него после неколку дена се развиле симптоми, а сега е дијагностицирано со коронавирусот.

„Согласно контактот кој што го имало со сите вработени, иако не се сите вработени во висок ризик, беше донесена одлука од страна на епидемиолозите, сите десет вработени, докторите, медицинските сестри, помошниот технички персонал да биде во домашна изолација. Целосно е преземена службата за трансфузиологија од одделението кое што се наоѓа во специјалната болница ‘Св. Еразмо’“, рече Филипче.

Со тоа, тој потенцираше дека крвоснабдувањето не е загрозено во ниту една болничка установа во Охрид.

Во меѓувреме, денеска е одобрена и комбинацијата на терапија за пациентите заболени од коронавирусот што ја содржи лекот хлоркинин и азитромицин, рече Филипче, за која додаде дека се покажала како ефективна во повеќе земји.

„Согласно таа одлука, во текот на утрешниот ден ќе биде аплицирана на пациентите кои што се лекуваат кај нас, и во болничките и домашни услови, после соодветна индикација од лекарот, заради тоа што е потребна, прво проценка на клиничката состојба, заради тоа што се дава кај одредена група, а не кај сите пациенти“, додаде Филипче.