Се сретнаа СПУКМ, министерот Ристовски и ректорот Стојковски

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски и ректорот на универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, проф.д-р Велимир Стојковски денеска се сретнаа со раководството на Студентскиот парламент на универзитетот „Св.Кирил и Методиј“.

Според министерот Ристовски, на средбата се дискутирало за „повеќе процеси кои се случуваат во делот на високото образование во Република Македонија“. Ристовски истакна дека министерството е во континуирана комуникација и соработка со Студентскиот парламент, посебно во делот на реформите кои се спроведуваат во високото образование.

– Во најголем дел за нас од исклучително значење се сите конструктивни идеи забелешки, препораки по кои ние главно се обидуваме да ги креираме нашите политики за следниот период и за сите реформи кои следуваат и треба да се спроведуваат во високото образование, бидејќи суштината на спроведувањето на сите реформи е неопходно  да биде обезбедно врз основа на соодветен консензус и поддршка од главните актери во целиот процес, потенцира Ристовски.

Според Ристовски, проектот за превод на 1000 стручни, научни книги и учебници исто така бил тема на средбата.

– Врз основа на првичните информации и комуникацијата која ја имавме со студентите досега, тие го изразуваат своето исклучително задоволство од имплементацијата на овој проект затоа што при неколку кажувања фактички од нив произлезе  и дел од иницијативите, тоа да стане задолжителна литература, затоа што и самите студенти реагираа на изучувањето на определени, потенцирам определени предмети од скрипти. Не можам да кажам дека сите професори тоа го практикуваат како процеси, како пракса, напротив има професори кои користат литература од светски најреномираните универзитети, истакна Ристовски.

Во врска со тоа какви се реакциите по однос на законските измени за студентскиот стандард и во однос на сместувањето, Спировски вели дека и тоа е една од точките за која денеска треба да се дискутира.

Таков еден крупен процес, како што е промена на начинот на сместување и распределба на студентските стипендии, како што посочи, не може да се реализира ако ние немаме соработка со Студентскиот парламент.

– На  почеток постоеше извесен ризик, нормално кај студентите постоеше на еден начин страв како сето тоа ќе се рефлектира и одрази на целокупното досегашно сместување на студентите, но при процесот на распределбата со оглед на максималната правичност и исполнувањето на законските услови кои беа неопходно наведени во Законот да бидат исполнети, се покажа дека ова е правичен процес, кој овозможи сместување на оние студенти на кои најмногу им беше потребно сместување и исто така и стипендии им беа поделени на оние категории кои беа јасно дефинирани во Законот, додаде Ристовски.

Извор