Се сретнаа Грета Тунберг и Малала Јусафзаи

Двете млади активисти, Грета Тунберг и Малала Јусафзаи се сретнаа при посета на Универзитетот во Оксфорд.

17-годишната Тунберг се сретна со 22-годишната Јусафзаи, пред да се приклучи на школскиот штрајк во Бристол.

Јусафзаи студира политика, филозофија и економија на Универзитетот. Таа на својот Инстаграм профил сподели заедничка фотографија, заблагодарувајќи се на Грета.

 

View this post on Instagram

 

Thank you, @gretathunberg. ❤️

A post shared by Malala (@malala) on

„Таа е единствената пријателка поради која би избегала од часови“, напиша на Твитер.

Тунберг, пак, напиша: Денес се сретнав со мојот пример. Што друго може да кажам?“

Иако не се знае за што зборувале двете активистки, Грета при посетата на Универзитетот зборувала за науката, гласањето и протестите.

Пред две години, Тунберг започна да не оди на училиште секој петок, протестирајќи пред шведскиот Парламент за поголема климатска акција, со што поттикна глобално еколошко движење.

Таа стана гласот на младите, инспирирајќи милиони ученици и студенти да се приклучат на протестите против климатски промени низ светот.

Јусафзаи, пак, во 2012 беше застрелана во главата, вратот и рамото од талибански борец додека се враќала дома од училиште, откако напишала анонимен дневник за животот под закана од екстремистите.

По закрепнување од повредите, таа и нејзиното семејство се преселија во Бирмингем.

Во 2014 година, таа стана најмладата личност што добила Нобелова награда за мир на возраст од 17 години. Три години подоцна, таа беше примена да студира на Универзитетот во Оксфорд.