Специјалниот истражител Роберт Мулер, кој води истрага за наводите дека во американските избори имало мешање од Русија, за случајот веќе свикал порота во Вашингтон, дознава Вол Стрит Журнал.
Овој потег значи дека Мулер ја продлабочува истрагата и воведува поагресивен пристап во прибирањето податоцива за можната соработка на Доналд Трамп и неговата изборна кампања со претставници на Русија.
Истражувачите и обвинителите ја гористат Големата порота во САД за издавање судски повици, налози, сослушување сведоци и истражување на докази. Поротниците не одлучуваат за невиноста или вината на потенцијаниот обвинет.
Канцеларијата на Мулер не го коментирала извештајот на американскиот весник.
Претседателот Трамп синоќа повторно упати обвинувања за истрагата против него и неговиот тим, изјавувајќи дека целиот случај е „комплетно фабрикуван“, на собир во Западна Вирџинија.
„Повеќето луѓе знаат дека немаше Руси во нашата кампања. Никогаш немало. Не победивме поради Русија, победивме поради вас“, изјавил Трамп што наишло на одобрување на присутните на собирот.
Јасно е дека Мулер го истражува состанокот од јуни, минатата година, на кој синот и зетот на Трамп, Трамп Јуниор и Џеред Кушнер оствариле средба со руска правничка. Трамп Јуниор призна дека му биле ветени штетни документи за ривалот на Трамп во претседателската трка, Хилари Клинтон, иако според него такво нешто не им било презентирано.
Според Ројтерс, специјалниот истражител проверува дали некој поврзан со кампањата на Трамп соработувал со руски претставници за објавување на материјали против кампањата на Клинтон.
Американските медиуми цитираат извори блиски до истрагата кои информираат дека Мулер проверува и дали претседателот Трамп ја попречувал правдата кога во мај му врачи отказ на директорот на ФБИ, Џејмс Коми, кој преходно беше задолжен за истрагата на руското мешање во изборите.