Се реновира Детскиот креативен центар во МКЦ

Благодарение на средствата од Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД, преку Проектот “Со читање до лидерство“ кој го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи “Чекор по чекор“, покрај реконструктивните зафати, Детскиот креативен центар во МКЦ ќе биде опремен со современи содржини за унапредување на јазичната и математичката писменост кај учениците од почетните одделенија, што е една од главните цели на проектот.

Се реновира Детскиот креативен центар во МКЦ

Библиотека за најмладите ученици, математичко катче, ликовно и театарско катче, мултимедијални дидактички помагала се само дел од содржините кои ќе ги нуди центарот. Тие ќе се достапни на учениците, кои заедно со своите наставници и родители ќе можат низ игра да научат многу нови работи и да се забавуваат.

Според планот, кон крајот на месецот август, реновирањето и опремувањето ќе бидат целосно завршени. “Новиот” Детски креативен центар, ќе биде свечено отворен во првата половина на септември, 2014.

Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство’’, сите активности ги подготвува и спроведува во соработка со Бирото за развој на образованието и Државниот испитен центар. Активностите се спроведуваат во одбрани училишта од сите региони во Македонија.

Детскиот креативен центар е последното парче од мозаикот именуван “МКЦ во ново руво”, проект, кој започна во 2011 год., со средства од Градот, ИПА фондовите, ЕУРИМАЖ, и повеќе ктитори од Македонија. Во минатите три години, објектот на МКЦ доживеа огромни промени: енергетски ефикасна фасада, реновирана концертна сала и нова аудио и светлосна опрема, нова сцена, нов дигитален проектор, и климатизација на Кино Фросина, нова, најсовремено опремена Галерија, комплетно реновирање на Џебното Кино, санирање на куполите и ентериерот на Планетариумот, реконструкција на бифето, заменет кров, подови, врати, прозори, санитарни јазли, тоалети, радијатори, компјутери и компјутерски мрежи.