Научници низ Европа и Соединетите Американски Држави експериментираат со роботски пчели со цел да им помогнат на опаѓачките популации на природни опрашувачи и да понудат решение за сè посериозниот еколошки проблем. Наместо да ги заменат пчелите, идејата е микро-роботите да ѝ помагаат на матицата – клучна за опстанокот и размножувањето на колонијата.
На Универзитетот во Грац, Австрија, истражувачите од европскиот проект RoboRoyale тестираат микро-роботи кои би можеле да ги зајакнат пчелните заедници. Роботите се дизајнирани да ја хранат, чистат и негуваат матицата, како и да помогнат во рамномерна распределба на нејзините феромони во кошницата.
Раководителот на проектот, Фаршад Арвин, нагласува дека целта не е замена на пчелите, туку прилагодување на новата реалност. Климатските промени, вели тој, ја надминуваат способноста на пчелите да се адаптираат. Кратките топли периоди во зима можат да ги „збунат“ пчелите и да предизвикаат катастрофални последици ако следи нагло заладување. Во такви ситуации, роботите би можеле да спречат угинување на колониите.
Слични истражувања се спроведуваат и во САД. На МИТ се развиваат минијатурни дронови, големи колку инсекти, наменети за опрашување. Тие можат да летаат со брзина до два метра во секунда и да останат во воздух повеќе од 1.000 секунди.
Сепак, еколошките организации предупредуваат дека технолошките решенија не смеат да го одвлечат вниманието од подлабоките проблеми – интензивното земјоделство, пестицидите, паразитите, инвазивните видови и климатските промени.
Пчеларите низ Европа сведочат дека кошниците се сè попразни, а опстанокот на пчелите станува сè потежок. И покрај напорите на ЕУ да воведе нов систем за следење на опрашувачите до 2026 година, запирањето на негативниот тренд останува голем предизвик.
Telegraf / Freepik



