Се продава офицерскиот дом во Битола, „За нас се работи“ бара став од градоначалникот

Здружението на граѓани од Битола „За нас се работи“ се револтирани од најавите за продажба на Официрскиот дом во Битола, зграда која е обележје на градот и историски споменик на културата. Тие упатија барање до градоначалникот на Битола, Владимир Талески, јавно да го искаже својот став за ваквата одлука.

„Не сакајќи да се доведеме до недоразбирање и да потпаднеме под разни шпекулации, молиме Вашиот јавен став да го изразите итно и транспарентно. Доколку се откажувате од било каква одговорност и ја префрлите одговорноста на продавачот на објектот, Владата на РМ која воедно е сопственик на истиот, Ве молиме изјаснете се и по тој повод, за активностите кои ќе ги преземеме да бидат резултат на Вашето дистанцирање од овој заеднички проблем. Со надеж дека јавно и транспаретно ќе го искажете Вашиот став и ќе одговорите на ова наше барање, Ве поздравуваме со нашиот слоган – За нас се работи“, стои во барањето на Здружението упатено до градоначалникот Владимир Талески.

Според огласот, зградата ќе се продава со електронско наддавање, со почетна цена од 900.000 евра. Зградата е стара повеќе од еден век, сместена е на Широк сокак, а заедно со придружните објекти зафаќа површина од околу 2.000 квадрати. Според огласот, таа ќе се продава како целина.