Се прави мобилна болница со околу 130 легла до Клиниката за инфективни болести

Во текот на следната недела се очекува да се постави мобилна болница на просторот до Клиниката за инфективни болести, каде ќе бидат поставени околу 130 кревети, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Тој додава дека со ова, капацитетот на Клиниката за инфективни болести се дуплира, со тоалети, суви ходници со кои ќе се „комуницира“ со самата клиника.  Министерството за здравство, претходно информираше дека до изминатите 24 часа се регистрирани нови 18 случаи на коронавирус во државава, и тоа 11 во Скопје, четири во Прилеп, два во Куманово и еден во Тетово. Со ова, бројката на заболени до 12 часот изнесува 219 лица.

Од регистрираните случаи, денеска има нов случај на Клиниката за кардиологија, односно, заболен е член од резервниот тим кој пројавил симптоми на работното место.

„Сакам да кажам дека ова е случка во дел на ангео салата, каде што нема лежечки пациенти, туку пациенти доаѓаат само за интервенција на срцето. Во тој дел, лекарите во однос на контактот кон пациентите, се целосно заштитени, заради тоа што е таква технологијата на работа. Но, доколку се установи, дека некој се појавил на работно место, свесен дека и претходно има симптоми, тука ќе следат санкции“, рече Филипче.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби хоспитализирани се 41 пациент, од кои седум од нив се во потешка здравствена состојба, но како што кажа Филипче, не им е потребна помош од респиратор. Седум од нив се со поблаги симптоми, а 27 од нив се во среднотешка состојба.

Во Заводот за рехабилитација во Козле, пак, каде вчера беше регистриран случај на коронавирус, се уште траат испитувањата, а земени се материјали на уште 18 вработени.

„Веднаш после стигнувањето на сите резултати, ќе се направи план за функционирање на оваа установа, постои голема веројатност од понеделник да работи само амбулантскиот дел, со соодветен распоред на здравствените работници. Меѓутоа се уште не се готови анализите, по завршувањето на тестовите ќе се направи план за работа заедно со епидемиолозите“, рече Филипче.

Во меѓувреме, тој соопшти дека денеска се поделени и заштитни маски на матичните лекари, откако во текот на денешниот и вчерашниот ден се добиени по 3.000 хируршки и платнени маски.

Филипче се осврна и на цената на тестовите за кои медиумите објавија дека чинат околу 5.000 денари, но, нагласи дека тоа не е цената по која што се набавуваат тестовите, односно дека станува збор за цена по која што Фондот за здравствено осигурување ги откупува услугите кон Институтот за јавно здравје, односно центрите за јавно здравје.

„Цена на чинење е таа сума значајно поголема од тоа што се шпекулира дека е цена на чинење на тестот, во која што Фондот плаќа кон јавноздравстевните установи за една услуга да се направи. Притоа, тука постои многу специфична технологија на пресметка, каде што не се калкулира само потрошниот материјал, туку вработените, нивните плати, одржувањето на материјалите, така всушност функционира целокупниот здравствен систем“, појасни Филипче.

Во однос на проценките на бројката на новозаболени, Филипче вели дека тоа не е нешто што може да се предвиди со точност, но додава дека е добро што има линеарно зголемување на случаите, приближно ист број секој ден, а не експоненцијално.

„Но, ние сме спремни да прифатиме и да третираме пациенти дури и да има ваков раст. Сакам да кажам дека се целосно мобилизирани здравствените работници и спремни се капацитетите, еве имаме и излекувани пациенти, така да, ние сме целосно во ситуација да се амортизира приемот на пациенти, соодветно да се третира, терапијата е веќе аплицирана, таа што најавивме кај сите пациенти на клиниката кај кои што е индицирана согласно анализите од електрокардиографијата. Така да, сосема добро, стручно се справуваат колегите во сите јавно-здравствени институции“, посочи Филипче.

На прашањето на Радио МОФ околу тоа каква е состојбата на двајцата пациенти кои добиваат терапија со комбинација на лекови, министерот Филипче соопшти дека се уште е рано да се евалуираат резултатите.

„Не се сега само двајца, со двајца пациенти се почна. Практично сите на кои што им беше индицирано, и на кои што се направија кардиолошки испитувања ја примаат терапија. Ќе ги проценуваме резултатите во тек на следната недела“, рече Филипче.