Здравјето трпи, рекламите без ефект – брзата храна прва на менито на средношколците

Тостови, хамбургери, сендвичи – тоа е најчестата храна на средношколците за време на големиот одмор. Во средните училишта речиси и да нема кујни во кои учениците би можеле да јадат топла и приготвена храна. Тие се оставени да се снаоѓаат како знаат и умеат. Брзата храна од најблиската сендвичара или трафика најчесто им е прв избор, многу поретко си носат готова храна од дома.

Д-р Игор Спироски од Институтот за јавно здравје алармира на зголемените количини на масти и месни преработки во исхраната кај средношколците. Според него, потребно е средношколците да конзумираат што повеќе овошје и зеленчук.

„Брзата храна ја нарекуваме богата во калории, сиромашна во хранливи материи. Во таа храна има многу енергија, меѓутоа хранливата вредност е многу мала, затоа што во неа нема основни хранливи материи што му се потребни на организмот. Секако дека таквата храна треба да се избегнува или да се конзумира во што помали количини. Но, тоа е процес кој е поврзан со економијата и со политиките на државата, така што главно нешто на што треба да се влијае се навиките. Не можеме тоа да го регулираме, но може да дадеме препораки“, вели Спироски.

Тој посочи дека истражувањата кои Институтот ги спроведува на годишно ниво, се однесуваат на храната што се служи во ученичките и во дел од студентските домови. Нивните истражувања покажале дека дури и во оние училишта каде има мензи, храната не ги задоволува целосно потребите и содржи големи количества масти, шеќер и натриум. Спироски жали што јавните установи ја ставаат цената на производите пред квалитетот на храната и вели дека иако редовно доставуваат извештаи до Министерството за здравство и Министерството за образование и наука, овои проблеми не биле примарен интерес на МОН.

Иако дел од средношколците се свесни дека брзата храна е штетна за нивниот организам, тие и понатаму ја конзумираат, со оправдување дека им е лесно достапна, но и единствен избор за време на паузите.

Околу 40 отсто од средношколците не појадуваат дома, 20 отсто пак, се хранат од кантината во која има само грицки, а се забележува и прекумерно јадење на месни преработки, покажува истражувањето на Консалтинг и тренинг центарот КЛУЧ направено пред неколку години, во кое беа вклучени средношколци од трета и четврта година од скопските гимназии „Раде Јовчевски Корчагин“ и „Орце Николов“.

Според проф. Владимир Какуринов, извршен директор на КЛУЧ, оттогаш до денес нема голема промена на статистиките. Загрижува, додава тој, тоа што учениците воопшто не зборуваат на оваа тема со нивните наставници, ниту пак во наставните програми има содржини за здрава храна.

„За да јадат средношколците навистина здрава храна, треба да бидат задоволени три аспекти. Да имаат точни информации за храната, институциите да им понудат шанса за здраво да се хранат и дома да имаат барем разговор со родителите“, вели Какуринов.

Тој смета дека секое средно училиште треба да има менза или кафетерија, како и дека операторите треба да ги слушнат барањата на децата, да достават свое мени со здрава храна и да се држат до него.

„Да не биде само да влезат колку да има менза, а во мензата да не биде понудена свежа и здрава храна, туку да биде нудена пак брза храна. Не е поентата во тоа колку да се има менза. Треба организирано да се пристапи и во конкурсот, што ќе се бара, каков критериум, колку тоа ќе чини, колку деца. Тоа се веќе економски, но и здравствени параметри што ќе мора операторот со храна да ги задоволи. Бидејќи постојат мензи, но децата одат во самопослугите бидејќи во мензата не можат да го најдат тоа што го бараат“, забележа Какуринов.

Ова најчесто е причината поради која родителите се скептични кога станува збор за училишните кујни, па на своите деца им даваат џепарлак. Јана е мајка што им готвела храна на своите две ќерки за да си понесат во училиште, но поради срам од нивните соученици престанале да носат храна од дома.

„Јас сум против брзата храна, но единствено што ни останува е да им дадеме пари, а што ќе купат ние не знаеме. Кога беа помали носеа ужинка од дома. Ќе им направев од вечер и јадеа, а сега од срам од соучениците викаат мамо, не сакам, ќе ми се смеат“.

Таа сака да се воведе кујна во средните училишта, бидејќи на тој начин ќе се заштеди, а за возврат децата ќе бидат нахранети.

Тинејџерите сè поретко се хранат здраво, јадат помалку овошје и зеленчук, за сметка на сè почестото консумирање слатки и газирани пијалаци, покажува и Меѓународната студија за однесувањата поврзани со здравјето кај деца на училишна возраст објавена во 2013 година, а во која беа вклучени сите средни училишта од земјата.

„Здравјето е избор“ беше насловена кампањата што Владата ја започна минатата година за подигање на свеста кај граѓаните за значењето и потребата од користење на здрава храна. За нејзина промоција, Владата одвои половина милион евра од државниот буџет, а кампањата вклучуваше телевизиски и радио спотови, како и други промотивни материјали. Сепак, кампањата не беше позитивно прифатена во јавноста. Напротив, предизвика револт и негативни критики поради огромната сума која беше потрошена за нејзино претставување.

Емилија Петреска