Се покачуваат ученичките и студентските стипендии, се враќа стипендирањето на магистерски и докторски студии

Социјалните стипендии за студентите кои изнесуваа 3000 денари, отсега се зголемуваат на 6000 денари, а ученичките кои варираа од 2000 до 2900 денари, се усогласуваат на 3500 денари. Студентите по хемија, физика и математика ќе добиваат покачување на 18 000 денари бидејќи се дефицитарен кадар, а по 10 години се враќаат и стипендиите за магистерски и докторски студии во државата.

Ова денеска го соопшти министерката за образование и наука Мила Царовска, во присуство на студентски и ученички претставници. Според неа, стипендите за втор и трет циклус студии  досега беа за студирање надвор од државата и тоа постојано создавало одлив на мозоци.

„Сега на овој начин обезбедуваме факултетите да добијат 50 стипендии за втор циклус студии, 15 за трет циклус“, информираше Царовска, појаснувајќи дека стипендијата за втор циклус студии ќе изнесува 9000 денари, а за третиот 18 000 денари.

Според младинските претставници, стипендиите ќе бидат од голема помош за секој студент и ќе придонесат за подобрување на студентскиот стандард. Всушност, покачувањето на стипендиите беше едно од барањата кои произлегоа од Декларацијата за млади, образование и иднина која минатата година ја напишаа студентските собранија и ја потпишаа шест политички партии.

Ева Цветковска, претседателката на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, е задоволна што залагањата за социјални стипендии и воведување нови стипендии се реализираат.

„Студентската борба не завршува тука. Ние се уште ќе продолжиме да поднесуваме барања до телото ‘Млади-МОН’, за унапредување на студентскиот стандард и за квалитетот на високото образование“, порача таа.

Младинските претставници очекуваат дека и во иднина ќе бидат вклучени во сите важни одлуки поврзани со нив.

„Оваа одлука е добра и е резултат на повеќемесечната соработка и консултација од страна на министерството со Сојузот на средношколци и секако, со претставничките тела на студентите. Останува во иднина, како и досега, Сојузот на средношколци будно да го следи спроведувањето и исплаќањето на стипендиите“, посочи Лука Павичевиќ, претседател на Средношколскиот сојуз.

Како што најави министерката Царовска, пријавувањето за стипендиите ќе се одвива електронски, додека сите образци ќе бидат поставени на e-uslugi.mon.gov.mk