Се подготвува забрана и посебен режим на движење на територијата на државава

Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, на вчерашната владина седница беше задолжена да подготви детален предлог со мерки и препораки за воведување на најстроги рестриктивни мерки во врска со спречувањето, внесувањето и ширењето на новиот коронавирус, соопштуваат од владата.

Под овие рестриктивни мерки се мисли на забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија за време на ден и во ноќ, организирање на јавниот превоз, сменско работење, опфатени категории на лица по возраст, а Комисијата треба да го достави предлогот до владата, за седницата што треба да се одржи денеска.

„Владата го задолжи д-р Венко Филипче, министер за здравство, да определи двајца епидемиолози што ќе присуствуваат на седницата на Влада, со цел да ги образложат предложените мерки и препораки на членовите на Владата“, стои во соопштението од владата.

Исто така, се задолжуваат Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија да направат детален оперативен план за спроведување на најстроги рестриктивни мерки што ќе ги преземе Владата, со цел спречување, внесување и ширење на новиот коронавирусот, но и во рамки на нивните надлежности веднаш да пристапат кон спроведување на досегашните донесени мерки и препораки.

Меѓу останатите заклучоци донесени на седницата, стои и тоа дека лицата кои не ја почитуваат мерката за самоизолација ќе бидат спроведени во државен карантин и против нив ќе биде поведена соодветна постапка. Трошоците за време на престојот во таквиот карантин, пак, ќе бидат на товар на лицата што не ја почитувале ваквата мерка.

Покрај ова, владата ги задолжи МНР и Министерството за транспорт и врски да подготват посебен план за хуманитарни летови за граѓаните кои се надвор од земјава, а кои поради мерките на другите држави не можат да се вратат назад. Тие ќе имаат законска обврска кога ќе се вратат да поминат соодветен број денови во карантин.

Во државава моментално има 76 заразени лица со новиот коронавирус, а од пред неколку дена на целата територија е прогласена вонредна состојба.