Се планира отворање училиште за ЛГБТ ученици во Манчестер

Првото училиште во Велика Британија за лезбејки, геј, бисексуалци и трансродови млади лица би можело да ги отвори своите врати во следните три години. Сместено во Манчестер, специјализираното државно училиште планира да прими на редовна настава 40 ученици, како и 20 кои ќе доаѓаат овде на дополнителни часови, објави „Гардијан“.

Според Амелија Ли, директорка на „LGBT Youth North West“, ова е начин да се спасат животи.

„И покрај законите кои тврдат дека ги штитат геј луѓето од хомофобично силеџиство (булинг), вистината е дека особено во училиштата, ова е се уште неверојатно често и предизвикува младите да се чувствуваат изолирани и отуѓени, што често води до изостаноци, и во најлошите случаи, до самоубиство“, вели Ли.

Минатиот септември, 14 годишна ученичка се самоуби во Манчестер поради стравот да им каже на  родителите дека е геј. Слична приказна, вели Ли, имаше и во Болтон.

„Ова не е начин да се направи мала, сигурна енклава надвор од реалниот свет: ние работиме со 9 000 редовни ученици и со 1000 наставници во годината за да им помогнеме во едукацијата за хомосексуалноста. Дополнително, поддршката која новото училиште ќе ја нуди на учениците може да биде и во нивните редовни училишта, ако учениците го сакаат тоа“, додава Ли.

Училиштето ќе биде специјално дизајнирано за ЛГБТ млади лица кои се соочуваат со тешкотии во редовните училишта, но и за други деца, млади негуватели, млади родители и лица со ментални здравствени проблеми.

„Тоа ќе биде ЛГБТ-инклузивно, а не ексклузивно“, вели Ли.

63 000 фунти вредната физибилити студија за планот е изготвена со помош на грант од Одделот за заедници и локалната самоуправа. Организацијата исто така беше вклучена во дискусиите со Манчестерскиот градски совет за тоа како може да се обезбеди алтернативно образование за ЛГБТ децата во областа.

Според Ли, училиштето треба да биде пионер во областа и инспирација за останатите реони. Една година во училиштето, кое треба да биде поддржано од владата, ќе чини 16.000 фунти, исто како и другите специјализирани училишта