Се отвора Регионална канцеларија за младинска соработка

Помирување и соработка меѓу младите од регионот, поттик на различноста, демократските вредности, активното граѓанско општество и интеркултурната размена, се целите кои треба да се постигнат со основањето на Регионалната канцеларија за младинска соработка на земјите од Западен Балкан.

На прес конференција во Францускиот институт денес беа претставени досегашните активности и целите на Регионалната канцеларија за младинска соработка (РКМС/RYCO), која ќе биде основана на 4 јули, во рамки на Парискиот самит за Западен Балкан. Земјите-потписнички на Декларацијата за нејзино основање се Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Албанија. Седиштето на РМКС ќе биде во Тирана, но во секоја од земјите-потписнички ќе се отвори и национална канцеларија.

Иницијативата се основа на блиска соработка помеѓу владите и граѓанското општество на земјите потписници на Заедничката декларација за основање на РМКС, потпишана на 27 август 2015.

„Целта на создавањето на регионалната канцеларија за млади е да ја поттикне регионалната соработка, особено на младите од Западен Балкан, преку идентификување на заеднички интереси кои ќе поттикнат солидарност, разбирање и пријателство, како и промовирање на истите преку принципите на еднаквост, диверзитет и соработка“, изјави министерот за образование и наука, Пиштар Лутфиу.

Да го спознаеш фактот, потенцираше министерот, дека имаш една култура, значи да ја познаваш и културата на другиот, бидејќи не постои само една универзална култура, туку едно мноштво кои меѓу себе се признаваат преку толерантноста, или во спротивно едната со другата се исклучуваат преку насилство.

Франк Моравиец, специјален пратеник на Француско-германската младинска канцеларија во Македонија и член на модераторскиот тим на РМКС, вели дека идејата зад канцеларијата и идејата да се воспостави организација која им дава можност на младите да разменуваат знаења и да научат повеќе за своите соседи и другите земји е фантастична можност. „Интересно е да се види дека процесот на основање на РМКС не е процес кој го врши само една група, туку е резултат на европска соработка и европски дух во кои има многу актери – владите, граѓанското општество во сите овие земји, амбасадите, експертите од други организации кои со нас го споделија своето знање“, смета тој.

За овој проект успешно да функционира, освен вклученост од младите и граѓанскиот сектор, ќе биде неопходна и политичката и финансиската поддршка, вели амбасадорката на Германија во Македонија, Кристин Алтхаузер.

„Останува на лидерите на земјите да ги поддржат канцеларијата и да промовираат размена меѓу младите, за да ја поттикнат слободната дискусија и да меѓусебната толеранција. Ова е одлична шанса за младата генерација на западниот Балкан, но и од другите континенти“, смета таа.

Според Изабел Марки Барбо, директорка на Францускиот институт во Скопје, да се отвори регионална канцеларија за соработка на млади е голем знак за визибилитет и надеж за младите Македонки и Македонци, кои што почнувајќи од први јануари 2017 ќе можат да се впуштат во активностите кои оваа канцеларија ќе ги организира. Таа се надева и дека со помош на оваа канцеларија ќе се зголеми разбирањето меѓу младите во Македонија и целата младина во Европа, кои всушност сосема си наликуваат едни на други.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески пак, вели дека оваа регионална канцеларија за младинска соработка претставува ретка можност за младите и младинските организации од регионот да имплементираат заеднички проекти во соработка со нивните врсници. Што е уште поважно, смета тој, на младите им се овозможува да бидат дел од нејзиното функционирање и управување преку принципот на коменаџмент.

Работната група која ја подготвуваше декларацијата за РМКС се содржи од двајца членови од секоја земја – еден претставник од националната младинска агенција и еден претставник од граѓанска организација. Првичниот буџет на канцеларијата се состои од два милиони евра. Од нив, 50 проценти доаѓаат од владите на земјите членки, а останатото е придонес од донатори.

С.Т.